Архитектите Дејан Ивановски и Филип Јовановски, во соработка со Сања Аврамовска, Валбона Фејза и Мирослав Пејовски понудија конкретни архитектонски решенија за справување со „Скопје 2014“, проект кој целосно го измени ликот на централното градско подрачје. Со овој проект тие се претставија и на Биеналето во Венеција.
Целокупниот изграден фонд во последните неколку години во центарот на градот Скопје (и целиот град воопшто), а особено помеѓу двата моста (Камениот мост и мостот Слобода) е изграден на јавен простор. Простор кој долго време беше наменет за плоштад/пешачка зона која формира целина со објектите кои гравитираат околу него. За жал со измените во Деталниот урбанистички план овој простор е третиран на погрешен начин, потсетуваат авторите.
На ова место се изградени пет нехумани габаритни структури и тоа: Археолошки музеј на Република Македонија заедно со Државниот архив на Република Македонија и Уставен суд на Република Македонија, Агенција за електронски комуникации (AEK), Колонада „Независна Македонија”, Јавно обвинителство на Република Македонија и Министерство за надворешни работи на Република Македонија. Пешачката зона како дефинирано урбанистичко просторна целина ја сочинуваат деловите од градот изолирани од движењето на автомобили и е наменета исклучиво за пешачко движење и рекреација на луѓето.
„Овој архитектонски експеримент е заклучок на еден процес на истражување кој преку систематско програмско-просторна содржинска анализа на овие објекти, изградени на кејот на Вардар, се обидува да го преиспита габаритот изграден за вметнување на содржина/програма која е втурната насилно во овие непропорционални и наивни габарити.
Овој предлог за репрограмирање на делови од приземјето и катовите на објектите претставува обид за нивно отворање (ослободување), зашто во моментот тие се затворени и недостапни за граѓаните, со што ќе се овозможи слободен пристап и користење на содржините (од страна на граѓаните).
Целиот процес на создавање на овој експеримент го сочинуваат следните четири клучни постапки:
#ОСЛОБОДУВАЊЕ на простор и содржина која е нефункционална во овие пет објекти, #ПОВРЗУВАЊЕ на ослободениот простор со локацијата преку вертикални и хоризонтални комуникации, #ПРОЧИСТУВАЊЕ на објектите од секаков вид на декорација, вклучувајќи ги и куполите кои со новите промени ја губат својата намена и #РЕПРОГРАМИРАЊЕ на ослободената содржина. Оваа последна постапка треба да се случи во понатамошниот развој на овој архитектонско истражувачки проект/процес кој во својата метода на работа предвидува активно учество/вклучување на повеќе важни чинители (од експерти до случајни минувачи) и корисници на градот“, посочуваат авторите.
Решенијата погледнете ги во продолжение: