Намалување на ДДВ-то од 18% на 5% на менструалните производи за да се намали продажната цена и поттикнување на употребата на менструалните чашки со субвенционирање на цената. Одвојување средства од буџетот за создавање соодветни услови за одржување менструална хигиена во тоалетите на училиштата и јавните тоалети, како и бесплатни и достапни менструални производи во училиштата и јавните тоалети.
Ова се барањата кои денеска, активисти на регионалната Мрежа за родово-одговорно буџетирање, Платформата за родова еднаквост и „PERIOD Movement Skopje“ ги поднесоа до Министерството за финансии.
Активистката Љупка Трајановска посочи дека бараат од државата, која се декларира како земја кандидат за членство во Европската Унија, да ја преземе обврската и да го олесни одржувањето на менструалната хигиена за 50% од населението. Таа додаде дека националниот буџет мора да биде родово одговорен и распореден да ги задоволува подеднакво потребите на жените и девојчињата, како и на мажите и момчињата.
Дополнително, таа посочи дека менструалната соромаштија е глобален проблем кој ја засега и нашата држава, а додека на глобално ниво околу 500 милиони луѓе кои менструираат немаат пристап од ментруални производи.
„Во Република Северна Македонија 55,3% од работоспособните жени и девојки се економски неактивни или невработени, а со тоа и економски зависни, 22% од жените на возраст од 18 до 64 години живеат под прагот на сиромаштија. Стапката на ДДВ за менстуралните производи е 18% – исто колку и за шише виски, или пак кутија цигари. Менструалните производи не се луксузно добро, туку основна потреба“, рече Трајановска.
Истовремено, таа рече дека последните две истражувања од „Реактор“ и „Тииит!Инк“ и од Новинари за човекови права, покажуваат дека 77% од анкетираните жени и девојки трошат до 400 денари месечно на производи за менструална хигиена.
„Секоја трета испитаничка барем еднаш во животот се нашла во ситуација да нема пари да купи влошки и да мора да импровизира со крпи, весници, тоалетна хартија и слично. 29.5% од жените кај нас не можат да си дозволат никакви менструални производи, о јавните тоалети во нашата земја нема услови за безбедно и достоинствено одржување на менструална хигиена, во 2021 година за 70% е зголемен бројот на вагинални инфекции поради недостапност на соодветни производи за управување со менструалното здравје“, додаде таа.
„Тука сме да ја разбиеме менструалната стигма. Не, менструацијата не е срамна. Менструацијата е природна појава за секое девојче, девојка и жена со која во просек се справуваме 38 години од животот. Менструалното искуство за секоја од нас е различно во времетраењето, обемот, болката, но она што ни е заедничко е потребата од менстурални производи за ефикасно, безбедно и квалитетно одржување на менстуралната хигиена“, рече Трајановска.
Активистката посочи дека спроведената анализа на трошоци покажува дека на годишно ниво во земјава потребно е да се издвојат помалку од 1% од буџетот за да се обезбедат бесплатни менструални производи за ученичките од основно и средно образование, додавајќи дека менструалното здравје е прашање од јавен интерес, додека менструалната правда е предуслов за социјална правда.
„Кризата предизвикана од пандемијата со Ковид-19 и воено политичките случувања во Европа уште повеќе ја загрозија финансиската положба на илјадници жени и семејства во државата. Купувањето на менструални производи влијае на буџетот на секое семејство. Европскиот Парламент во 2019 година донесе Резолуција со која ги повикува земјите-членки да ги намалат даноците за производи за менструална хигиена, повикувајќи се на начелата на родова еднаквост и недискриминација. Оваа директива е веќе спроведена од Белгија, Холандија, Португалија, Франција и Кипар, каде што данокот се движи од 6% до 5%“, истакна Трајановска.
Мартин Колоски