[Галерија] Креативните средношколци од „Шаип Јусуф“ денеска цртаа мурал во дворот на училиштето

Десетици средношколци со четки и бои во рацете денеска го разубавија со мурал можеби последното слободно место на ѕидовите во дворот на нивното училиште „Шаип Јусуф“ во скопско Шуто Оризари. Други пак, активно го слушаа Ѓорѓи Кушевски како ги советува за иднината и кариерниот пат.

Денешната младинска уметничка акција беше своевидна прослава за успешната реализација на проектите во рамки на училиштето, во соработка со Едукативниот центар „Генијалци“, преку кои во просторот таму се организираа курсеви за млади лица до 29 години. Како што посочи Доан Сулејмановски, директорот на училиштето, тежиштето на денешната акција беше ставено на курсевите по младински активизам каде учениците од „Шаип Јусуф“ и од опкружувањето на Шуто Оризари слушаа обука за развивање на младинскиот активизам, креативност, проектен менаџмент и развивање ученички активизам. По обуката младите добиле финансиска можност да ги реализираат трите најдобри идеи.

„Реализацијата се случи во текот на летото и беше успешна. Првата идеја беше реставрација на училишниот мурал и повторно цртање и разубавување на училишниот двор како едно интересно, иновативно, мотивациско место за нашите ученици. Втората идеја беше селекција на отпад. Ова за првпат го воведовме во нашето училиште, воведовме канти за рециклирање и структурирана мрежа која ќе го купува, зема селектираниот отпад и ќе го носи на соодветни места. Третата иницијатива беше ‘Јусуфотека’ – разубавување на училишната библиотека и создавање на катче за едукација и професионална ориентација“, раскажа Сулејмановски.

Мал дел од „Јусуфотека“

Тој нагласи дека е многу среќен што учениците во „Шаип Јусуф“ се пример пред сѐ за околината и ромската етничка заедница таму, што „даваат една убава слика за училиштето и младите роми како иновативни и просперитетни, но се и позитивен пример за цело Скопје и пошироко“.

„За учениците е важно училишното опкружување. Од аспект на тоа дека јас сум млад директор, учениците се генерално млади дечки, вработените се помлади, факт е дека има потенцијал, добра енергија и мотивација. Не функционираме со стар, застарен менаџмент каде една страна наредува, а другата мора да извршува, туку кооперативно и мотивациски. Логично е секое училиште да има растови и падови, но гледаме да излеземе во пресрет на секаков вид на проблеми. На крајот од денот, ова е училиште и може сѐ и сешто да се случи, но добрата училишна средина која мотивира и поттикнува, создава не само стучњаци туку и лидери кои се потребни во нашето опкружување“, заклучи младиот директор.

„Јас моментално се чувствувам прекрасно. Ова ми е нешто ново и многу ми е мило што се одржува токму во нашето училиште и многу сум среќна што учествувам. Ни значи многу на нас учениците и ќе имаме значително поголема мотивација и волја да дојдеме тука, да седиме и да се дружиме“, ни рече Лифа Сефер, ученичка која учествуваше во уметничката акција.

Христина Мирчевска, организатор на настанот од Младински образовен форум (МОФ) посочи дека младите дечки го цртале муралот под менторство на млади студенти од факултетот за дизајн при ФОН, кои им одржаа предавање за потоа самите да го применат стекнатото знаење.

„Се работи за едно училиште кое навистина е средено од аспект на услови кои ги нуди на учениците. Се добива впечаток дека самите ученици многу го ценат тоа што имаат вака средено училиште, сакаат да го доразубават на секој можен начин и се посветени ученици. Навистина сме им благодарни и сакавме на еден начин да им овозможиме единственото нешто што можеби не беше целосно средено да го разубавиме и да му дадеме уште поубав лик на нивното училиште“, додаде Мирчевска.

„На децата им значи кога ќе го видат ова затоа што некој се грижи за школово, сака да направи убаво да им личи. Јас сум среќна кога гледам деца, убаво ми е. Во минатите проекти на кои сме работеле децата нѝ кажуваат дека многу им се допаѓа и дека сѐ поголем број на деца доаѓаат на тоа место откако ќе го видат муралот. Седат на локацијата, гледаат, ја почитуваат. Креативноста така се шири и за млади луѓе тоа е прекрасно нешто, треба да сакаат да креираат и гледаат креации. Мило ми е што ние сме тие што им го пружаме тоа“, посочи Магдалена Добревска, студентска на факултетот за дизајн при ФОН.

Нејзиниот колега Теодор Петровски ни раскажа дека ова му е трета ваква акција на кој работи и многу е задоволен затоа што чувствува дека ги исполнува децата покажувајќи им како треба да работат.

„Ова го боевме вчера со средношколците. Им беше преинтересно, целото сами го избоија. Преку овие акции се здружуваат и тие меѓусебно, бидејќи се прва и втора година, не се знаеја сите меѓусебно, но се запознаа. Јас само поставував, тие го боеја. Многу сум среќен моментално и никогаш не одбивам вакви акции“, поентираше студентот.

Учесниците на обука за развивање на младинскиот активизам и креативизам и на денешната уметничка акција на крајот од настанот добија сертификати. Младинската акција ја организираше Едукативен центар „Генијалци“ со поддршка од Активноста на УСАИД за млади кои активно создаваат можности, имплементирана од организацијата Унапредување на економиите за посилни заедници (IESC) во партнерство со Младински образовен форум и Центар за претприемачи и развој на менаџери. Овој проект им овозможи на 120 млади да учат англиски јазик и да се стекнат со вештини во дигитална писменост и граѓански активизам за да донесат позитивни промени во своите заедници. Денешната акција ја посети и Марија Лонџи, координатор за развојна помош од канцеларијата за координација за Американска помош за Европа и Евроазија.

Ангела Петкова

Фото: МОФ и Радио МОФ