Почнувајќи од веќе познатата локација на секоја Критична маса, Плоштад Македонија па се до паркингот пред сообраќајната полиција во населба Пролет, десетици велосипедисти вчеравечер испратија пораки и барања до надлежните за поголема безбедност и нула жртви во сообраќајот.
„Возиме за нашата безбедност, но возиме и за сите кои ги загубија своите животи бидејќи улиците по кои се движиме се небезбедни“, вака неформалната иницијатива „НаТочак“ претходно го најави настанот кој се одржа вчеравечер.
Претходно од „НаТочак“ соопштија дека поминале речиси 20 дена откако побарале од градските власти да споделат на кој начин, во рамките на нивната надлежност, планираат да ја зголемат безбедноста на улиците за сите учесници во сообраќајот, а примарно за пешаците и велосипедистите. Но, до објавување на настанот за „Критична маса 89“ посочија дека не добиле никаков одговор.
При крајот на настанот се случи и инцидент, кој Дарко Арсовски од „НаТочак“ го нарече ироничен.
„Возач, во нормално време во денот, при редари се реши да крене човек на хауба. За среќа овојпат беше здрав, прав, млад маж којшто знае како да изреагира. Се мислам како ќе беше ако беше некоја кревка личност“, рече Арсовски.
Во продолжение погледнете ја фото-галеријата на Радио МОФ.