Алтернативни предавања, изведби и изложби создадени со труд на студентите, но и проекција на филм, се активностите кои вечерва почнаа да се спроведуваат како дел од културно-образовната програма во автономната зона на Филозофско/Филолошки факултет.
Вечерва, голем број граѓани дојдоа да се солидализираат со студентите носејќи им вода и овошје, а најрадосни што донираат беа најмалите доведени од своите родители. Во аулата и предавалните на факултетот беа присутни голем број студенти, но и професори кои времето го минуваат во меѓусебно дружење и долги дискусии.
На штандот за храна каде се оставаат донациите, на студентите вечерва им се придружија и членовите од неформалната група „Храна, а не оружје“, чија цел е да се спротивстават на „енормното трошење на пари за воени потреби“.
Покрај изложените цртежи, дел од присутните присуствуваа и на проекцијата на филмот „Everyday Rebellion“ организирана од тимот на Интернационалниот фестивал за креативни документарни филмови „Македокс“. Филмот зборува за окупацијата на Волт Стрит, активистичката група „Фемен“, но и многу други обиди низ светот за општествени промени.
Вчера студентите за првпат ги окупираа просториите од оваа факултетска зграда, а денеска тие ја проширија автономната зона и на Техничките факултети при што ја окупираа зградата во која се сместени Машинскиот факултет и ФЕИТ.
Голем број студенти останаа на факултетот да разменуваат идеи, некои и да одиграат партија шах, додека нивните колеги од Машински и ФЕИТ се подготвуваа за преноќување на првата вечер од новата автономна зона.
Студентите од двете автономни зони се одлучни, велат дека остануваат на факултетите додека не бидат исполнети нивните барања. Додека студентите од Студентскиот пленум кампуваат на факултетите, Студентскиот парламент при УКИМ, два дена подоцна, соопшти дека нема да ја поддржи окупацијата на Универзитетот. Својот досегашен молк од Парламентот го објаснуваат како покажување „воздржаност, смиреност и разумност“ и уверуваат дека сакаат борбата за да ја истераат на институционален начин.
Е.П.