[Галерија] Марш низ Скопје против најавената дигитализација на учебниците

Со заложба за распишување задолжителен референдум против донесување на новиот Закон за учебници, родителите од иницијативата „Учебници и настава мора има“ денеска излегоа на марш низ Скопје и мирни протести низ повеќе градови.

Низ Скопје се маршираше со транспаренти „Законот не ги решава проблемите кои се актуелни во образованието“, „Законот не е во интерес на родителите и наставниците“, „Законот генерира нови проблеми во образованието“, но и „Не за ССО“. Се пееше песната „За сите деца“, а се скандираше и „Оставка. Долу Царовска“.

Спроти Собранието, во паркот „Жена Борец“ беше отворена книга за собирање потписи, која според најавите на организаторите на протестот ќе остане тука вечерва до 21 часот. Потписи за распишување на  референдумот ќе се собираат и утре во текот на целиот ден.

„Тука сме за да се избориме за правата на децата. Денес родителскиот глас ќе се чуе, ќе се чуе кој стои зад детските права. Нашите деца не се експеримент, политиката настрана од нашите деца, експериментите настрана од нашите деца. Време е за коренити промени во образовниот систем, по мерка на ученикот“, изјави Драгана Спасевска, од координативното тело на иницијативата.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Radio MOF (@radiomof)


Освен во Скопје, мирни протести се одржаа низ повеќе градови. Родителите  се собраа пред општинските згради од каде повикаа на референдум и ги искажаа своите ставови против новиот закон и најавената дигитализација на учебниците.

Изминатиот период од иницијативата организираа бојкот наставата, за да го искажат својот револт против новиот предлог закон.  Иницијативата се создаде по објавувањето на новиот Предлог закон за учебници, со кој се предвидува децата до трето одделение да учат од печатени учебници, а за погорните одделенија постепено да почнат да се воведуваат дигитални учебници. Според најавите од Министерството за образование, веќе од следната година треба да се почне со воведување на дигиталните учебници за децата од четврто одделение.

МОН: Апсурдно е да се протестира против напредок во образованието

Ј.Ј./М.К.