[Галерија] Мизерија и булинг во Државниот ученички дом „Здравко Цветковски“

Државниот ученички дом „Здравко Цветковски“ во Скопје однадвор изгледа сосема нормално. Некој што редовно поминува покрај него, би рекол дека е добро уреден, со оглед на средениот двор и летниковецот кој претставува место за дружење на станарите. Но, штом влезете и се качите на првиот спрат, сфаќате дека приказната не е толку убава и пријатна – барем не за неговите станари. Внатре се кријат приказни за врсничко насилство, кражби и несоодветни услови.

Во домот престојуваат средношколци кои претежно се запишани на одредена академија, било музичка, уметничка, или за спорт. Тие се ослободени од плаќање на престојот, но цената ја плаќаат со своите нерви.

Радио МОФ го посети ученичкиот дом, кој е еден од вкупно 18 во државата. Но, уште на самиот влез немаше кој да нè регистрира.

Поразговаравме со двајца станари во домот кои се ученици на Државното средно училиште за ликовна уметност и дизајн. Еден од поголемите проблеми кои ги имаат овие ученици е што немаат простор каде можат да ги извршуваат работните задачи.

Сметаат дека останатите ученици се привилегирани, бидејќи имаат свои простории за работа – учениците од државното училиште по физичка култура имаат своја спортска сала, музичарите имаат свој кабинет, додека уметниците мораат да цртаат и бојат во своите соби.

„Состојбата на дел од ‘занималните’ во интернатот“

Т.С. престојува во домот веќе четири години. Вели дека ветувањето за просторија која ќе биде само за уметниците постои уште пред тој да се всели.

„Работиме со маслени бои, а тоа е многу штетно за здравјето. Четворица сме во 12 метри квадратни, така што уште поштетно е“, вели овој средношколец.

„Мојата струка е мултимедиски дизајн и ми треба компјутер, а тука не можам да донесам бидејќи секој месец има по некоја кражба на лаптоп. Интернет нема, само ветуваат – ни простор за работа, ни ништо“, додава тој.

Клуб салата каде средношколците треба да се рекреираат во слободно време беше заклучена

Неговиот пријател И.Д. вели дека одговорот што најчесто го добивале од одговорните кога барале просторија е дека ќе ја претвореле занималната во „наркоманско дувло“.

Последното ветување од директорката го добиле од пред две недели, иако сè уште ништо не е направено.

Но, нивните проблеми се далеку поголеми од една просторија за работа.

Во ваква состојба ја затекнал својата соба И.Д. при вселување. Револтиран е што на крајот од годината тој мора да плаќа за оштета што не ја направил

„Ретко кога сум спиел нормално. Жртва сум на кражби, и тоа два пати. Последен пат беше во февруари и за среќа видовме кој е, пријавивме до директорката. Одговорот беше – „Свесна сум за проблемите, знам кое е детето и лани имаше исти проблеми, ќе го предупредам“. Си рековме, во ред, може ќе направи нешто“, раскажува Т.С.

Проблемот не застанал овде, нападите станале почести.

„Секоја вечер во 2-3 часот наутро ни ја разбиваа вратата. Првите два случаи ги пријавивме. Им рековме да видат на камерите, но ни тие не работеа“, вели тој.

Дури откако се заканил со инспекција, камерите биле вклучени. Но, кражбите не сопреле. Уште истиот ден кога проработеле се случиле две нови, по што учениците морале сами да пријават во полиција.

Порака која им била оставена од раководството на интернатот. Во неа ги замолуваат станарите да си ја средат собата поради можна инспекција

„Сите знаат кои се, но ги толерираат… не знам зошто“, надополни И.Д.

Вратата од нивната соба е разбивана повеќепати, за што сведочат и „крпениците“ од нејзиното поправање.

Како изгледа „нормална“ брава во интернатот

Се покажа дека ги има повеќе

Т.С. не се чувствува безбедно, бидејќи како што вели, истиот што претходно им правел проблеми продолжува да тормози други деца.

Покрај врсничко насилство, двајцата идни уметници сведочеле за булинг на друг станар поради неговата сексуална ориентација.

„Бев сведок кога еден од воспитувачите заедно со толпата деца продолжи со навреди кон детето. Бев згрозен и долг период никој не сакаше да преземе ништо. Сега детето е сместено само во соба“, објаснува тој.

Државниот ученички дом „Здравко Цветковски“ во 2015 година доби нова директорка, Марија Несторовска, откако нејзината претходничка Слаѓана Стаменкова беше разрешена поради поплаки од родители и ученици.

Се обидовме телефонски да добиеме одговор од надлежните, но бројот кој е јавно достапен е исклучен, а официјалната веб-страница на домот (www.ud-zdravkocvetkovski.com.mk) не функционира.

Сепак, јавноста речиси и да не знае за проблемите со кои се соочуваат средношколците во „Здравко Цветковски“. Причината поради тоа, велат идните уметници, е стравот да не бидат избркани.

„За премногу проблеми се премолчува во интернатот“, велат тие.

За храната велат дека е ужасна. И.Д. го испратил менито до нутриционист за да ја испита хранливата вредност. Во храната, пак, често наоѓале влакна.

„Мислам дека ако ги собирав сите влакна што ги најдов, досега ќе направев перика“, вели И.Д.

Дел од тоалетите во интернатот иако се од неодамна реновирани, може да се забележи скршен инвентар

како и пропуштање на плафонот

„Ако се дознае, на нив ќе им наштети, и ние ќе им бидеме криви“, вели Т.С.

„Мене овие години ми беа пекол“, нагласи И.Д опишувајќи го искуството во интернатот како „убиство на неговото детство“.

„Сега ќе одам да јадам кај брат ми, а ќе спијам на друго место, бидејќи условите се такви какви што се. Страв ми е да останам да спијам вечерта, дека може да ми се случи уште еден паничен напад“, вели тој, размислувајќи од наредна година да седи во приватно сместување.

Проблемите во домот, влијаеле и на нивниот успех на училиште.

„Јас верувам дека треба да се зборува гласно за проблемот. Јас ќе си одам, но ќе дојде друга генерација на уметници, ќе се соочат со истиот проблем“, вели И.Д, на што Т.С. го надополни:

„…многу се откажуваат на сред школување. Немаат сила да вршат притисок, а немаат финансии за приватно сместување“.

И двајцата не се оптимисти дека нешто ќе се реши.

„Јас четири години молчам бидејќи си реков бесплатно е…Имав грижа на совест дека без пари ми ги дале сите овие работи и услови… Се чувствував лошо и неблагодарно да се жалам, но толку докази и сè да им даваш, ништо не прават со проблемите. На крај ќе излезам кривецот бидејќи се жалам цело време. Поголем проблем им е тоа што во собата на ѕидот имам дамка, отколку што внатре крадат“, вели револтирано Т.С.

Е.П.