[Галерија] „Не сакам ружа, сакам права“ – осмомартовски марш низ центарот на Скопје

Тргнувајќи симболично од паркот „Жена-борец“, преку плоштадот „Македонија и Камениот мост, па се до „Карпошово востание“, денес се одржа третиот марш за права на жените и борба за родова еднаквост.

Маршот се одвиваше под слоганот „Дали е среќен 8-ми Март?“, кој беше и најголемиот транспарент што ја предводеше поворката низ централното подрачје.

Во присуство на стотици учесници и учеснички, новинарки, адвокатки, докторки, студентки, разни работнички…, во „Жена-борец“ беше прочитан Проглас, со кој активистките од Платформата за родова еднаквост јавно апелираа за вистински промени, а не само декларативни заложби за унапредување на статусот на жената во општеството.

Активистките потенцираа дека маршираат за да покажат дека трпението им е „на црвено“.

„Денес маршираме за да покажеме дека веќе нема да толерираме празна реторика. Не прифаќаме декларативно залагање за родова еднаквост, ниту закони и стратегии за кои не се издвојуваат финансиски средства и кои не водат кон остварување на реални промени во животот на жените“, гласеше дел од Прогласот.

Понатаму, побараа Парламентот уште во понеделник веднаш да го донесе Законот за заштита и спречување од дискриминација.

„Бараме Парламентот итно да ги донесе Законот за прекин на бременоста и Законот за социјална заштита онака како што се предложени. Владата да обезбеди буџет и институционални предуслови за остварување на ветувањата за унапредување на правата на жените и родовата еднаквост“, потенцираа од Платформата.

Понатаму, активистките побараа афирмативни мерки за жените на пазарот на трудот и функционални механизми за заштита од дискриминација на работно место.

„Континуираната социјална, економска и политичка нееднаквост на жените во Македонија е причината поради која денес сме собрани да го изразиме нашиот револт, загриженост и разочарување. Жените и понатаму се неактивни на пазарот на труд, иако се повеќе образовани од мажите. Насилството врз девојките и жените е жална реалност во нашето општество. Стереотипите, омразата и мизогинијата е присутна не само во приватната сфера, туку и во јавниот дискурс“, рече Снешка Илиќ од „Реактор“.

Салија Бекир Халим од Иницијативата на жени од Шуто Оризари се осврна на повеќекратната дискриминација врз Ромките, поради тоа што се жени, поради нивниот социоекономски статус и поради нивната етничката припадност.

Таа упати повик до државата веднаш да преземе конкретни мерки за да се стави крај на малолетничките бракови, на незаконската наплата од страна на матичните гинеколози и да го донесе Законот за заштита од дискриминација.

„Обезбедување гинеколошки пристап за сите жени и целосно искоренување на незаконската наплата на услугите кои следуваат бесплатно. Унапредени програми со опфат на над 70% за рано откривање на ракот на грлото на матката и ракот на дојката кај жените. Зголемен број и квалитет на посети помеѓу жените во репродуктивниот период, за време на бременоста и по породувањето, особено најранливите категории – Ромките, жените од руралните подрачја и оние кои живеат во неповолни социо-економски услови“, соопштија од Платформата.

Вангелина Пармачка од Национална федерација на фармери истакна дека жените се невидливи потпори во руралните средини, но се соочуваат со голем број на предизвици и проблеми.

Го нагласи барањето за отстранување на дискриминаторската мерка во Програмата за рурален развој 2018 -2021, со која се бара жената да е во брак, да има родено едно дете, да е невработено лице, домаќинка и да живее во населено место од 200 жители на надморска височина од 700 метри.

За секторот култура, Платформата побара ревалоризација и поддршка на автентичното женско уметничко творештво и дејствување. Исто така, итно донесување на Закон за култура и унапредување на условите за професионален развој на културните работнички.

„Време е институциите на оваа држава да почнат да работат и за граѓанките!“, апелираа од Платформата.

Фото: Бојан Шашевски