[Галерија] Нераскажаните приказни по патот на Балканската мигрантска рута

Фарох, Надер, Маждулин, Ајдин и Фатема се само неколку од илјадниците луѓе кои се наоѓаат во прифатните центри во Србија и Босна и Херцеговина. Некои од нив на краток период, а други пак, полека се интегрираат, но, сепак целат кон западните држави. Радио МОФ ги посети центрите и ви ги пренесува нивните приказни.

Прифатниот центар во Врање, Србија е следната станица на рутата која доаѓа веднаш по Транзитниот центар „Табановце“. Некогашен мотел, сега функционира како семеен центар во кој се сместени околу 180 луѓе. Некои од нив слободното време го користат за играње фудбал, готвење ручек и меѓусебно дружење, како и со претставниците на најразлични меѓународни организации.

Фарох Ахмади

Фарох Ахмади во кампот е заедно со нејзиното семејство. Дошла од Иран, каде ѝ се заканувале со казнување и смрт поради тоа што ја променила својата вера.

„Ни кажаа дека пред да ни се случи нешто, мораме да ја напуштиме државата, или да направиме нешто друго… затоа заминавме за Србија“, вели Ахмади.

Ахмади заминала од државата во 2017, кога се укинала визата помеѓу Иран и Србија.

Надер Гафари

Нејзиниот сонародник Надер Гафари во Врање е веќе трет месец со неговиот син. Причината поради која го напуштил Иран не била политичка.

„Проблемот во нашата држава е дека си ограничен во некој тип на менталитет, немаш дозвола да правиш се што сакаш, немаш ни дозвола да се чувствуваш како што сакаш, затоа одлучив да ја напуштам државата“, вели Гафари.

Вели дека во Србија пристигнал минатата година, а првично бил пратен во камп во Пирот.

„Сакам да продолжам понатаму, затоа што мојата фамилија, односно сестра, живее во Германија“, вели Гафари кој подоцна потенцираше дека сака да живее на слободна територија.

„Ако не сум оптимист како ќе им помагам на моите деца?“

Во близина на железничката станица во градот Шид, се наоѓа и прифатниот центар, кој исто како во тој од Врање, се смета за семеен центар. Мнозинството корисници се семејства со деца на училишна возраст. Центарот, привремен дом на 165 корисници, беше исполнет со разиграни деца, љубопитни за нашето присуство.

Маждулин

Мохамед и Џена, двете деца на Маждулин постојано трчаа околу новинарите кои зборуваа со неа. Таа е од Сирија, но по национаност е Палестинка. Нејзината цел е да стигне во Германија, каде ѝ се наоѓа семејството.

„Атмосферата тука е добра, генерално добра. Ни даваат картички со пари за да можеме да им купиме нешто на децата од маркет”, вели Маждулин.

Насмевката не „паѓаше” од нејзиното лице. Вели дека нејзиниот оптимизам се должи на вербата во Бог.

„Затоа што имам две деца, треба да се грижам, да им помагам, ако не сум оптимист како ќе им помагам?”, објаснува Маждулин.

Архитектот Ајдин Васири од Иран во кампот е сместен со неговото семејство. Нема дилема, вели тој, дека еден ден ќе стигне во развиените европски земји и ќе има подобар живот.

„Сакав да живеам во Турција, но видов дека таму за мене и моето семејство нема услови за живот, и затоа сакам да одам во Европа”, вели Васири.

Тој е веќе два месеци е во центарот. Неговиот план, првично, е да ја донесе мајка му од Турција, за да биде заедно со неговото семејство.

„Ни ја запалија облеката и ни рекоа – сега може да одите“

Во Босна и Херцеговина, во поранешниот хотел наречен Седра, не пречека менаџерот на кампот Мите Цилковски. Цилковски е Македонец кој бил активен за време на големата мигрантска криза претходните години во Македонија, а сега продолжува да работи на истата проблематика, стотици километри подалеку.

„Капацитетот (на кампот н.з.) е 420 корисници, а сега од прилика имаме 335 корисници. „Седра“ е семеен камп, 95% од корисниците се дел од семејства“, објаснува Цилковски, доловувајќи ни ја сликата за центарот.

Пред еден месец во центарот се родил Адријан. Сега тука е сместена и 23 годишната Фатема Албакур од Сирија, која моментално е бремена.

Таа доаѓа од Идлиб, а во кампот заедно со сопругот и нејзиното дете се сместени веќе еден месец. Фатема зборуваше за нејзиното лошо искуство на хрватската граница.

Фатема и нејзината сонародничка Оља, чија цел е да стигне во Германија

„Кога не фати полицијата, ги земаа телефоните и јакните од сите, и ги ставија во торби, чевлите, чорапите, ги запалија и ни рекоа ‘сега може да одите'”, вели Фатема.

Желбата да се стигне до Европа ја дели и Амира, која претходно работела во банка во Сирија. Таа тука стигнала преку Турција, Грција, Албанија, Косово, и Србија.

„Многу е тешко, навистина. Дојдовме пеш со мојот син. Имаме проблем во мојата држава, не можеме да седиме таму”, вели Амира.

Додава дека нејзиниот сопруг починал, а дека има и ќерка која моментално се наоѓа во Грција, со која постојано контактираат.

Пред некогашната Фабрика за бела техника, моментално Прифатен центар наречен „Бира“, во Бихаќ, Босна и Херцеговина е вистинска гужва. Огромниот просторен капацитет, сместува околу 1.800 мигранти, кои во најголем број се мажи самци, во помал број малолетници без придружба, како и неколку семејства. За влез во центарот е потребно да се прикаже идентификациска картичка, а поради фактот дека капацитет веќе нема, мигрантите се наоѓаат насекаде во околината.

Радио МОФ, претходно ги посети и транзитниот центар Табановце и прифатниот центар за баратели на азил Визбегово.

Мартин Колоски