Кај сидрото на бродот Скопје, подзаборавената знаменитост кај Камени мост, денеска се случуваше фестивалот „Нови простори“. Млади луѓе го организираа настанот, а разни ентузијасти, уметници и случајни минувачи на Кејот 13 Ноември заедно можеа да присуствуваат на поетско и прозно читање, изложба на дела од млади автори, во „Акустика под арката“, но и на т.н. „open mic“ свирка на свежи бендови и музички колективи.
Идејата на организаторите е фестивалот да биде настан на новото чувство, новата креација, новиот ден, новиот човек. Односно, како што велат, отворена порта за сите прогресивни идеи, оригинално творештво, позитивно пријателско опкружување, чиста животна средина и долгорочен општествен развој.
„Се работи за културно-уметнички фестивал. На нови иновативни и јавни простори претставуваме изложби и уметности со цел да ги покажеме сите ситни и тајни места кои се толку убави“, вели 16-годишниот Лазар Нелковски од средното школо „Орце Николов“, кој го сретнавме на настанот.
Тој вели дека се претставници на следната генерација, а со нивната младинска моќ сакаат да ја поттикнат младината да учествува на настани и да си ја надградува својата уметничка свест.
„Ова ни е прва година, прво целодневно издание. Планираме секоја година да го правиме фестивалот. Сите што го организираме, сите сме млади. Ова за мене е огромно искуство, но, ние сме тие што треба да ја пишуваме приказната за утре, а не да гледаме што било вчера“, вели тој.
На агендата на фестивалот се најдоа 10-ина млади поети и писатели, 15-ина сликари, а пред будниот аудиториум од импровизираната сцена свиреа и бендовите „Занаду“, „Хајка“, младата изведувачка Ана Петановска и раперите од „Виженери колектив“.
„Главната цел ни е да ја подигнеме уметничката свест на младите, но и севкупно на народот. Денеска, во дигиталното време сите се затворени, заклучени дома, имаат се’ на компјутер. Ние гледаме да ги извадиме од тоа темно место и заедно да учествуваат. Ние сите сме млади и сакаме идните генерации да имаат уште повесела дружба од нас. Сите заедно – да се дружат!“, потенцира Нелковски.
Бојан Шашевски
Фото: Мартин Колоски/Бојан Шашевски