Со цел да вратат во живот опожарени подрачја, Сојузот на извидници на Македонија (СИМ) со своите волонтери од повеќе извиднички одреди од Скопје, Штип и Велес, заедно со ЈП „Национални шуми“ и поддршка од амбасадата на САД, преку акцијата „Боренка“ засадија околу 1.000 садници.
Пошумувањето се изврши на површина од 6 хектари со црн бор.
Според Снежана Јанковиќ, координатор на Боренка од Сојуз на извидници на Македонија, пошумувањето е една од најблагородните активности кои граѓаните можат да ја направат за својата земја, а покрај тоа носи убава и позитивна енергија, дружба на чист воздух и враќање кон природата како општествено одговорна работа.
„Секогаш се обидуваме да ги потсетиме децата, младите и сите граѓани на познатата изрека од Нелсон Хендерсон ‘Вистинската смисла на животот е да се засадат дрвја, под чија сенка не очекувате да седите’“, нагласи Јанковиќ.
Ден пред акцијата на терен, се одржа и едукативниот дел на „Борика“. Односно, учениците од 4 и 5 одделение од ООУ „Димитар Влахов“, покрај тоа што дознаа за заштита на животната средина со акцент на правилно однесување за време на престој во природа и спречување шумски пожари, нацртаа повеќе од 200 дрвца кои ги посадија во виртуелната шума на www.borenka.mk.
„Боренка“ е интерактивна акција која има за цел да ја подигне свеста на граѓаните, особено на децата и младите, за важноста на шумите, заштитата на природата, последиците од глобалното затоплување и превенција и заштита од пожари.