Фестивалот на креативен документарен филм вчера го стартуваше своето 15. јубилејно издание што се одржува под мотото „Копање емоции низ времето“. Под отворено небо на веќе добро познатата локација во Куршумли Ан, десетици луѓе вчеравечер имаа можност да ги погледнат краткиот документарен филм „Како се мери времето“ и долгометражниот „Целулоидно подземје“ (Обединето Кралство / Иран, 2023).
„Краткиот документарен филм ‘Како се мери годината?’ (САД, 2022) на Џеј Розенблат го следи континуитетот во комуникацијата помеѓу татко и ќерка. Режисерот Џеј Розенблат седумнаесет години по ред ја снимал ќерка си Ела на нејзиниот роденден, прашувајќи ја истите прашања. Во само 29 минути гледаме како едно девојче расте од заодуваче во млада жена со сите убави, а понекогаш и непријатни периоди помеѓу, додека врската со татко ѝ се развива со сите свои сложености“, пишува во описот за филмот.
„По завршувањето на Иранската револуција, настојчив филмски колекционер во Техеран станува нетипичен херој кога храбро решава да спаси илјадници филмови од канџите на новиот исламски режим. Иако е извесно дека го чекаат апсење и мачење, тој одлучно ја чува својата скапоцена тајна – приказната за отпорот и опсесијата, видена низ очите на момчето што му го чува грбот. Приказната се отплеткува на филмското платно години подоцна, откако ќе заминат во егзил во Лондон, сликајќи возбудлив портрет на постреволуционерен Иран“, е краткиот опис за вториот филм кој беше прикажан вчера.
По филмовите следуваше концерт на Зарина Првасевда и нејзиниот ансамбл кои свират македонска и светска традиционална музика. За време на настапот се креираше простор за танцување во нотите на звукот на ориентот што присутните ги подготви за диџеј-сетот на Ишјан твин.
Оваа година тематскиот фокус на фестивалот е ставен на кинотечните архиви од повеќе држави. Програмата денес продолжува со неколку студентски филмови, еден краток, филм на автор од регионот и два филма на нови автори. Локациите се Сули Ан, МКЦ, Куршумли Ан, пред Куршумли Ан и Културно-едукативниот центар „Лабораториум“ кој од годинава се приклучува на групата локации во кои се одржува фестивалот. Повеќе за денешната програма може да видите овде.
Фото: Ангела Бошкоска