Денеска на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје се отвори мултимедијално студио, односно Центар за иновации во медиумите кој ќе служи за практична работа на студентите по новинарство и односи со јавност. Студиото е опремено со најсовремена технологија и подготвено да ги прими студентите кои во него ќе изработуваат медиумски и маркетинг производи. Професорите на факултетот велат дека студиото се отвора во момент кога на студиите по новинарство се запишале само 6 студенти.
„Овој проект дојде во времето кога ние сериозно размислувавме што да правиме со новинарските студии. Години наназад, па дури и сега во овој момент новинарските студии одат надолу. Тоа секако се должи на повеќе фактори, меѓу кои и положбата на новинарската професија во општеството. Бевме свесни дека тоа што им фали на нашите студии, новинарски и односи со јасност, е практична работа со луѓе од новинарската фела“, раскажа Сашо Ѓеоргиевски, декан на Правниот факултет при УКИМ.
Како што посочи тој, токму во ова време дошла иницијатива од амбасадата на САД за можност да добијат грант кој е посветен на унапредување на студиите по новинарство и односи со јавност.
По одржан состанок, факултетот го добил грантот, но се стекнал и со партнерот „Волтер Кронкајт школо за новинарство и масовни комуникации“ при Универзитетот во Аризона. Проектот започнал пред година дена.
„Сигурен сум дека на генерациите кои моментално се запишани на Правниот факултет, уште оваа година ќе им понудиме практична работа преку Центарот со учество на наши алумни и пријатели посветени на нашиот факултет. Тоа се професионални новинари и техничари кои ќе ни помагаат во работата со студентите. Меѓутоа, пошироката цел со отворањето на студиото е да ја подигнеме свеста во општеството за значењето на новинарската професија“, поентираше Ѓеоргиевски.
Новинарството е посветено на вистината и тоа е од суштинско значење за демократското општество. Доброто новинарство бара критичко размислување, храброст и разбирање за политичката и социјалната средина. Ова го изјави Ангела Агелер, амбасадорка на САД во Македонија, додавајќи дека тоа е спој на добро пишување, реална анализа и емпатија.
„Доброто новинарство не се односите со јавноста, ниту пропагандата. Тоа сите умееме да го препознаеме. Структурата и платформите на медиумскиот сектор се променија драматично од 60-70тите години наваму. Сега луѓето ги следат новостите преку инфлуенсери, наместо преку екперти. Секој може да постира приказна онлајн и тоа да го нарече вест, но тоа не ја прави релевантна“, посочи Агелер.
Таа се надева дека оваа медиумска лабораторија ќе го издигне новинарството во Македонија и ќе ги инспирира следните генерации да се посветат на неговите темели правејќи ја државата потранспарентна.
„Ве замолувам заедно да ја изградиме и поддржиме медиумската слобода и професионалност. Менторирајте ги младите студенти да бидат проактивни и посветете се на одржливи, слободни и независни медиуми“, децидна беше амбасадорката.
Билјана Ангелова, ректорката на УКИМ потсети дека новинарството е призмата низ која се гледа демократијата на едно општество. Новинарите, како што рече, се луѓето кои го креираат јавното мислење и кои го информираат општеството, но и оние кои бараат одговорност од политичките, судските и корпоративните власти, додаде.
Исто така, потенцираше Ангелова, новинарите се оние кои постојано им дишат во врат на властите и бараат отчетност и транспарентност. Токму затоа, според неа, потребни ни се професионални новинари кои се едукацирани и обучени и кои има пристап до современи дигитални алатки за истражување, презентирање и продукција.
„Точно тоа го имаме во новинарското студио на Правниот факултет. Едукацијата и обуките на новинарите се важни за да можеме да ги зајакнеме овие капацитети во континуитет, да ги поучиме студентите на иновациите во медиумите, а тоа се дигиталното и истражувачкото новинарство, анализата на податоци, анализата на извори на податоци и ригорозноста на селекција на податоците до кои доаѓаат новинарите. Само при користење релевантни податоци можеме да кажеме дека има професионално новинарство“, рече Ангелова.
Новоотвореното студио ќе биде место каде студентите ќе можат да ги испреплетат традиционалните вештини со најновите технологии и да создадат стории кои ќе се доближат до публиката. Ќе анализираат огромни количини на податоци за да откријат скриени вистини и ќе експериментираат со нови формати кои ќе го редефинираат начинот на кои ги конзумираме вестите. Вака смета Стефан Андоновски, министер за дигитална трансформација на Македонија.
„Замислете дека само пред неколку децении новинарите трчаа по улици со тешки камери и магнетофони. А, денес целата моќ на една медиумска куќа може да се собере во вашиот џеп. Технологијата напредува со молскавична брзина, а ние мора да бидеме подготвени да се носиме со новиот бран на промени. Тој бран на промени го прават токму младите денес преку подкасти, јутјуб, Тик-ток видеа и рилс на Инстаграм. Токму затоа ова студио опремено со најсовремена технологија треба да биде вашата лабораторија за вашите идеи и вашиот полигон на иновации. Тука ќе можете да експериментирате, да создавате и истражувате. Треба да запомните дека технологијата е семо алатка, вистинската моќ лежи во вашите умови, во вашата страст за вистината и вашата желба да го промените светот на подобро“, им порача Андоновски на студентите.
Гостинката Дон Гилпин од „Волтер Кронкајт“ школото за новинарство и масовни комуникации потенцираше дека луѓето не ја знаат работата која се одвива зад сцената и процесот преку кој се создава доброто новинарство и се креираат етички информации за јавноста. Според неа, на останатите им е многу полесно да бидат цинични и да кажат дека се’ е лажно или неважно. Исто така, таа нагласи дека не знаеме колку е моќна технологијата која ја поседуваме, ниту пак знаеме како да ја користиме.
„Проектите како овој медиумски центар се круцијални за иднината на оваа земја“, нагласи таа.
Пред студентите да се упатат кон студиото и да го посетат за првпат, Јасна Бачовска Недиќ, раководителката на Центарот за иновации во медиумите истакна дека тоа е резултат на работата и ентузијазмот на многу луѓе. Тие работеле, се дружеле и создале јадро заедница која, како што рече, ќе прерасне во балканска мрежа на професорите по новинарство.
„Знам дека еден од главните предизвици на медиумските центар ќе биде неговата одржливост. Што ќе правиме после помошта од американската амбасада? Па ќе работиме. Ќе аплицираме на разни грантови од европските институции и невлади организации кои се темелат на демократски фондови за слобода на изразување. Очекуваме поддршка и од новинарите, да соработуваат со нас. Нашата идеја е една наставна програма надвор од официјалниот курикулум на новинарските студии со цел да можеме сите студенти на правни студии, политички, односи со јавност да ги вклучиме во оваа студио“, појасни таа.
Тие сакаат да остварат соработка со јавниот сервис, по примерот на Хрватска, и да ги испорачуваат медиумските продукти таму. Затоа што, како што истакна координаторката, кога студент по новинарство ќе си го види својот продукт некаде на телевизија, тој веднаш е помотивиран да работи понатаму.
„Ние поставивме две големи цели на овој проект и ќе следиме какви ќе бидат резултатите. Првата цел е подобрување на едукацијата по новинарство. Ќе ја задржиме нашата европска традиција на силни теоретски студии, но ќе ја дополниме со американската традиција на вештини. Втората цел е да привлечеме што повеќе млади луѓе да студираат новинарство“, констатираше Бачовска Недиќ.
Дополнително, додаде и дека оваа година само 6 млади луѓе се запишале на студиите по новинарство на најстариот универзитет во Македонија. Таа направи споредба со Црна Гора која има 600 илјади жители, а има околу 100 студенти на овие студии, Косово има 80, Србија исто така околу 100.
„Ова значи дека имаме проблем со заинтересираноста на студентите за новинарство. Мора ова да го подобриме со добар маркетинг, ПР и љубов кон овие студенти“, заклучи професорката.
Ангела Петкова
Фото: Радио МОФ