Мирно, во позитивна атмосфера и без инциденти помина првата Парада на гордоста во државата. Граѓани од ЛГБТИ заедницата и нивни поддржувачи денеска маршираа гордо од паркот Жена борец каде го развеаја знамето со боите на виножитото и со бројни транспаренти се упатија кон Градски парк за да ја испратат пораката – Љубов е љубов.
Учесниците на парадата добија и по некое „уа“ од набљудувачите од страна, но имаше и аплаузи за поддршка. Дел од нив ги прашавме зошто се приклучија на Парадата:
„За слобода на избор, сите да сме исти и сите да сме прифатени“, рече една од присутните.
„За диверзитет, заради убавината што различноста ја носи. За љубов, затоа што љубовта не познава граници“, ја најдополнија нејзините пријателки.
„Ја сакам ќерка ми, затоа сум овде. Останатите родители веројатно се срамат, но јас не се срамам од ќерка ми“, ни изјави мајката која учествуваше на Парадата.
На протестниот марш присуствува и министри, пратеници и амбасадори, како и активисти од соседните држави.
„На 8 јуни по 12-ти пат имавме Парада на гордоста во Софија и се сеќавам на првата колку малку луѓе имаше и беше многу страшно. Фрлаа бомби, камења. Сега имавме над 6500 луѓе, цветно, шарено. Тоа беше огромна промена. Луѓето се горди, насмеани. Да се има парада е исклучително важно за општеството, затоа што луѓето кои тука сега се со скриени маски, догодина нема да се кријат бидејќи ќе се поспокојни и тоа навистина го променува животот на некои луѓе“изјави Лидија Драгоева од Софија прајд за Радио МОФ.
Во Градскиот парк, кај Школка, свој перформанс имаше годинешната претставничка на Евровизија, Тамара Тодевска, со нејзината песна „Proud“(„Горда“).
Денешната парада, спред организаторите, беше протестен марш за поголеми права на ЛГБТИ заедницата во Македонија.
Кочо Андоновски, еден од првите кои отворено прозбореа за својата сексуална ориентација во државата потсети на 50-годишнината од бунтот Стоунвол, серијата судири на ЛГБТ заедницата со полицијата во населбата Гринич Вилиџ во Њујорк, која сега се памети како клучен настан во раѓањето на ослободителното геј-движење од 70-тите и 80-тите.
„Денеска сме тука затоа што цел тој говор на омраза не е адресиран, ниту е казнет, ниту насилството што го предизвикува. Се уште не е разрешено насилството врз ЛГБТИ центарот“, спомена тој.
„Никој не е слободен додека сите не се ослободиме“, порача Андоновски.
Активистката Елена Петровска, пак, се осврна на политиката на страв и заканите.
„Нема да не покорат и предомислат, а најмалку да ја избришат и да ја игнорираат нашата егзистенција. Напротив, колку повеќе не’ мразат, толку повеќе ние поактивно ќе се бориме за социјална правда, еднаквост и почит – и во законот и во општеството“, рече таа.
Нагласи дека слободата и правата на ЛГБТИ луѓето не смеат да зависат од предрасуди, незнаење и нефункционален систем за заштита.
Од другата страна на центарот на градот, пак, се одржа најавениот контра-протест предводена од претставници од сите религиски заедници. Со зурли и тапани, оро и молитви се одржа протестот за зачувување на традиционалните вредности.
Текст: Емилија Петреска
Фото: Георги Божиновски