Пожарот кој избувна кај поранешната фабрика за мебел „Треска“ е локализиран, а градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска од лице место искажа сомнение за лица кои можеби го подметнале.
„Сакам да кажам дека од индициите коишто ги имаме најверојатно се работи за пожар кој што е отпочнат на овој потег, со сомнение дека има лица кои го подметнале, тоа е информација која што ја добивме и од соседите коишто живеат тука непосредно. Тие виделе лица на овој потег и искрено се надевам дека институциите ќе преземат сè што е можно во нивна надлежност и да не се дозволи граѓаните да бидат во опасност“, истакна градоначалничката.
Арсовска нагласи дека на терен биле 55 пожарникари, а пожарот се локализирал два часа.
„Она кое го добивме како информација е дека во повеќе наврати се случува пожар на овој потег, па јас сакам да верувам дека ќе се разреши оваа состојба и пред сè, не смее да се дозволи граѓаните на Скопје да се загрозени и нивните животи и здравје да се загрозени од некој кој што не е одговорен и кој што прави штети на градот“, заклучи таа.
Арсовска вели дека опожарен е стечаен објект кој има стечаен управител.
„Навистина сметам дека доколку се докажат индициите дека ова тука е подметнато дека треба да има најстроги мерки за тие кои го направиле тука“, забележа Арсовска.
Пожарникарот Звонко Тодевски информираше дека дојавата за пожарот била примена во 14 часот и 10 минути, по што било интервенирано со сите расположливи сили кои пожарникарите ги имале во тој момент.
„Приоритет ни беше да се спречи ширењето на пожарот на соседните објекти, како и објектите во кругот на фабриката „Треска“. Благодарение на брзата интервенција не е дозволено проширување на пожарот и изгаснат е во рамките на она што е затекнато, нема повредени за среќа, па сметам дека ова е успешна интервенција од наша страна“, изјави Тодевски.
На новинарско прашање за тоа што била причината за експлозијата, Тодевски истакна дека во самата фабрика, во близина на погоните имало остатоци од најразлични лепаци, иверици, сунѓери, а можно е да имало и боца.
„Истрагата ќе покаже сè, сега се работи на расчистување“, посочи Тодевски.
Дополнително до медиумите се обратија и претставници на жителите од „Треска“, односно жители во работничките станови, кои велат дека се револтирани што со години никој не наоѓа решение за нивната безбедност.
„Не е прв пат да апелираме дека Треска е небезбедно место за живеење, каде многу често доаѓа до пожари, а неодамна испративме и известување до јавноста дека старата фабрика за мебел е еколошка темпирана бомба. Повеќепати сме биле сведоци на палење на електрични кабли поради крадење на бакарот, што доведувало до бројни пожари и интервенции на Противпожарната служба, меѓутоа поради непристапноста на теренот последиците биле огромни“, се вели во дописот до медиумите.
Во дописот пишува дека дека секојдневно гледаат разбојништва во напуштениот индустриски капацитет.
„Стравуваме за безбедноста на нашите животи и безбедноста на нашите деца, кои наместо да живеат во урбанизирана населба сред центарот на Скопје, во своите дворови гледаат наезди од инсекти, змии и стаорци. Практично од самото затворање на фабриката, оваа локација е потенцијална опасност не само за нас жителите, туку и за сите граѓани на Скопје, и бараме итно решавање на проблемот и конечно урбанизирање на овој дел од градот“, се вели дописот.
Тие нагласуваат дека денешниот пожар е „само уште една потврда дека овде до овие рушевини повеќе не е безбедно да се живее“.
„Ние жителите стравуваме дека може да има нови експлозии и нови поголеми пожари, а нашите повици за урбанизација на оваа локација не доаѓаат само поради денешната катастрофа, туку поради сè понеподносливите услови за живот. Како и сите граѓани, и ние сакаме отворени прозори со свеж воздух и зеленило, а не смрдеа, страв од разбојници и живот на депонија“, стои во дописот.
Инаку, локацијата кај поранешна „Треска“ веќе неколку години е жешка тема во јавноста. Граѓанските активисти бараа на таа локација да нема дополнително градење згради и дополнителна груба урбанизација на централното градско подрачје, додека пак за приватните инвеститори локацијата е атрактивна за градење станбени објекти.
Општина Центар во ноември минатата година ги објави резултатите за предложените идејни решенија за локалитетот на фабриката „Треска“. Првонаграденото решение предвидува на локацијата да бидат изградени пет згради, деловен објект, градинка и парк.
Мартин Колоски/Ивана Смилевска