Приватните автобуски превозници од 6 часот утрово ги паркираа своите автобуси на булеварот „Илинденска“ со барање да им се исплати долгот што, како што тврдат, кон нив го има Град Скопје.
Блокирањето на сообраќајот се одвива само на десните ленти на булеварот од семафорите после Владата до салонот „МИ-ДА“.
Приватните превозници веќе повеќе од една недела одбиваат да возат во јавниот градски превоз во Скопје и бараат средба со градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска. Во меѓувреме, градските власти ги отфрлуваат наводите дека им должат пари на приватните превозници.
Фото: Радио МОФ
Според најавите на приватните превозници, доколку денеска не се најде решение за нивниот проблем, тие од понеделник ќе го радикализираат протестот со блокада на повеќе прометни раскрсници низ главниот град.
Вчера од Град Скопје соопштија дека Договорот со здружението на приватни превозници „Слобода Превоз“ е раскинат поради неисполнување на обврските за континуирано и непрекинато превезување на патници. Оттаму најавија дека ќе биде објавен јавен повик во текот на следната недела и ги повикаа приватните превозници да се пријават.