Изминатава недела на Институтот за хемија на Природно-математичкиот факултет во Скопје се одржаа државните натпревари по хемија за ученици од основните (17 мај) и средните училишта (18 мај). Дел од професорите и студентите на Институтот за хемија приредија хемиски спектакл за средношколците кои ги чекаа резултатите од натпреварот, а професорот Владимир Петрушевски одржа предавање за Периодниот систем на елементите наменето за основците.
Инаку, „Групата на среќни хемичари“ и „Групата на не толку среќни хемичари“ секоја година одржуваат хемиски спектакли на Институтот за хемија. Идејата на овие спектакли е популаризација на хемијата како наука, со која организаторите сакаат да им покажат на учениците дека хемијата е интересна и возбудлива наука која вреди да се изучува.
„Хемиските спектакли претставуваат волонтерска работа на неколку професори и студенти на Институтот за хемија, така што не сме во можност, барем не засега, да ги изведеме овие спектакли во другите градови од Македонија. Од друга страна, пак, учениците и наставниците, поради патувањето и обврските на училиште, не се секогаш во можност да дојдат да го проследат спектаклот кој се организира во Скопје. Се надеваме дека вакво нешто ќе биде можно во иднина, така што и оние кои не се од Скопје ќе можат да ги проследат и да уживаат во спектаклите. Државниот натпревар по хемија беше одлична можност да ја оствариме оваа идеја. Младите талентирани ученици – идни хемичари беа собрани на едно место, Хемискиот амфитеатар, и успеавме за 60-тина минути да ги забавуваме и да им помогнеме да го надминат стресот чекајќи ги заедно резултатите од натпреварот“, посочува професорката Марина Стојановска од Институтот за хемија.
На хемиските спектакли присуствуваат студенти, ученици од основни и средни училишта, наставници и сите оние кои се заинтересирани да проследат спектакуларни хемиски експерименти, а воедно и да уживаат во „хемиските приказни“ осмислени од членовите на овие две групи.