[Галерија] Протест на наставници пред СОНК: „Никој не не’ праша дали да се стави штрајкот во мирување“  

Со извици „Уаааа“ и „Оставка“, попладнево пред седиштето на Самостојниот синдикат за образование и наука (СОНК) во Скопје се собраа наставници и разни просветни работници. Дојде и поддршка од други градови. Насобраната толпа изрази незадоволство и несогласување со синдикалниот лидер Јаким Неделков, кој денеска најави дека штрајкот во образовaнието е ставен во мирување.

Неколку претставнички од членството пред новинарите побараа Неделков да се изјасни за ваквата одлука, за која тврдат дека не се информирани и е донесена без нивна согласност.

„Ова се’ спонтано излезе и ние сме овде да изразиме револт, бидејќи ние сме базата, членството, ние сме СОНК. Тој е нашиот лидер кој што треба да не’ претставува. И, должен е да дојде овде, да каже зошто ја промени одлуката и како се случи тоа? Бидејќи, сите сме упатени и знаеме што се случува во образованието во последните 10 години, што добивме од ветеното и зошто секогаш сме на маргините на општеството. Ако ја вршиме најблагородната и можеби најодговорната улога во општеството, зошто сме постојано маргинализирана група?“, праша една од просветните работнички.

Фото: Радио МОФ

На прашањето дали утре децата ќе тргнат во училиште, таа рече дека никогаш не биле затворени вратите за учениците.

„Напротив. Сите родители кои сметаа дека не треба да прекине воспитно-образовниот процес – носеа деца во училиште. Сите што не се членови на СОНК, заедно со директорите организираа настава за децата. Вратите никогаш не беа затворени. Се работеше и за тоа што голем дел од родителите не’ прифатија (нашите барања). Бидејќи ближат првомајските празници, голем дел од родителите веќе некаде се заминати со децата. Сите оние што утре ќе дојдат во училиште ќе бидат прифатени, а Неделков е должен да се изјасни како и зошто е штрајкот ставен во мирување, и зошто не е консултирано членството“, потенцираше таа.

Неделков денеска кажа дека одлуката за ставање во мирување на штрајкот доаѓа од Советот на СОНК. Односно, откако Министерството за образование и наука (МОН) доставило известување до Министерството за труд и социјална политика (МТСП) за пристапување кон мирно решавање на колективниот спор со СОНК, според Законот за мирно решавање на работни спорови.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Radio MOF (@radiomof)

Сепак, просветните работници пред седиштето на Синдикатот тврдеа дека „овде не се работи работен спор, за да Неделков кажува дека има период на примирје“.

„Дури и да е така, тој период на примирје во членот 19 е убаво објаснет и стои дека тоа трае два дена. И, ако за два дена не се договорат, тогаш е потребна арбитража која ќе посредува меѓу нас и ќе може да се издејствува нешто одредено, или да добиеме конкретни одговори. Но, да појаснам… работен спор би имале тогаш кога би се поднело, или би сакало да поднесе тужба до МОН, за да ни ги исплати наназад шесте години кога не се направени усогласувања на нашите плати. Меѓутоа, овде не станува за никакви тужби, ние не сме во работен спор, ние сме во штрајк. На нашиот претседател треба да му биде јасно дека ако не сме правници, не (значи) дека сме неписмени. Нашето членство е собрано, револтирано и ќе продолжи да ги бара правата“, рече просветната работничка, барајќи Неделков да излезе и да се изјасни пред членството.

Фото: Радио МОФ

„Би го замолила господинот претседател да престане да ги потенцира тие 18% (за зголемување на платите). На просветниот работник не му се важни 18%. Тие 18% никаде не беа споменати во одлуката за штрајк. Основна работа поради која тргнавме во штрајк е донесувањето на колективниот договор. Се надевам дека овој нов колективен договор ќе го почитува Владата, затоа што и претходниот договор не е испочитуван“, потенцираше таа.

Според членството насобрано пред СОНК, во колективниот договор се бара патни трошоци, како за сите други административци. Се бара да се исплати и дополнителен процент на наставниците кои работат со децата на инклузија.

„Баравме временска рамка во која ова би било исполнето. А, повторувам, тие 18% не ни се важни, тие 2-3-5% за кои се ценкаат. Важно е нашето достоинство. Важно е за оваа Влада, и сите кои поминале, важно е да научат дека законот прво тие треба да го почитуваат“, рекоа пред седиштето на СОНК.

Фото: Радио МОФ

Инаку, Неделков денеска истакна дека врз основа на известувањето од министерствата, денеска Советот на СОНК расправал, ги анализирал законските одредби согласно законот за мирно решавање на работните спорови. Меѓудругото, кажа дека Советот на СОНК се легалисти за почитување на законите.

„Од таа причина, дел од одредбите водат кон тоа дека додека трае периодот на помирување и решавање на спорот помеѓу двата спротивставени табори, доколку се однесува на штрајк, штрајкот треба да се стави во мирување. Извршивме детална консултација со повеќе правни субјекти, со повеќе правници, адвокати, судии, факт е дека ќе мора да постапиме согласно закон и факт е дека ќе мораме штрајкот да го ставиме во мирување“, рече Неделков

Истовремено, тој беше убеден дека во наредниот период ќе најдат соодветни заеднички решенија, онаму каде што застанале во преговорите и дека нема да има потреба од активирање на штрајкот.

Штрајкот на просветните работници започна на 11 април. Пред два дена, СОНК најави дека штрајкот ќе продолжи само во училиштата, без градинките, откако беше постигнат начелен договор помеѓу СОНК и Владата за зголемување на платите во просветниот сектор за 12 отсто.

Мартин Колоски / Бојан Шашевски