Под слоганот „Жолт картон за системот“ и „Младите животи вредат“ група граѓани излегоа на протестен марш пред Министерството за правда, револтирани од висината на пресудата со која судот го казни лицето кое минатата година го уби 17-годишниот Никола Христовски – Кољо.
Облечени во црни маички во натпис „Правда за Кољо“, со транспаренти и жолти картони, стотици граѓани маршираа извикувајќи „Уаа убијци“, „Сакаме правда“, „Судство за пари“, но и познатото „Нема правда нема мир“.
Присутните прво седнаа пред Министерството за правда каде дадоа аплауз за убиениот 17-годишник, по што тргнаа кон Обвинителството, каде наидоа на полициски коридор. Кратко се задржаа за да продолжат кон комплексот судови на Битпазар.
Како што посочија организаторите, со протестот уште еднаш сакаат да покажат на институциите дека се незадоволни „од пресуди со кои убијците добиваат минимални казни, од селективната правда и корумпираното судство“.
Ова е втор протест на групата „Повик за правда“. Минатата недела стотици граѓани излегоа на протестен марш бидејќи сметаат дека затворската казна од три години, која ја доби убиецот на младиот Христовски, е премала. Од Кривичниот суд по минатонеделниот протест соопштија дека за кривичното дело „убиство во миг“, за што беше обвинет 18-годишниот сторител на убиството, според законот е предвидена казна од 1 до 5 години.
Таткото на Никола, Игор Христовски, кој беше присутен на протестот, вели дека протестите ќе продолжат.
„Бараме правда за Никола. Тука има можност да пропуштиле нешто и едните и другите. Со тоа што, поднесување на обвинителен акт после 6-7 месеци од настанот, појавување на таа фамозна медицинска белешка, што е ‘напумпана’, тоа е очигледно. Сметаме дека нема правда, со тоа што е осуден сторител на кривично дело – ‘убиство во миг’, со употреба на остар предмет, со нож. Извршено е убиство. А, они го толкуваат како ‘убиство во миг’“, рече Христовски.
Инаку, инцидентот во кој беше убиен младиот Христовски – Кољо се случи минатата година, на 14 август, во скопската населба Ново Лисиче по расправија меѓу група тинејџери која се претворила во физичка пресметка.