Фотографијата на горила во рацете на еден од нејзините спасители е избрана за победник на јавноста на овогодишниот избор за Фотограф на дивината (Wildlife Photographer of the Year) кој го организира Природно-историскиот Музеј во Лондон.
Авторка на фотографијата е канаѓанката Џо-Ан Мек Артур, на која е прикажан Пикин, низинска горила, која била спасена од членовите на организацијата „Ape Action Africa“. Таа е фотографирана во рацете на Аполинар Ндохуду, за време на транспортот во поголемо безбедно шумско прифатилиште во Камерун.
„Благодарна сум дека оваа фотографија имала одек кај луѓето и се надевам дека може да не инспирира сите да се грижиме малку повеќе за животните. Секој чин на сочувство кон нив е голема работа“, рекла Мек Артур, пренесува ББЦ.
„Редовно ја документирам суровоста врз животните која се случува пред нашите очи, но понекогаш сведочам и на приказни на спасувања, надеж и покајание“, додава таа.
Фотографијата беше избрана од скоро 20 илјади љубители на природата во потесна селекција на 24 фотографски дела на Природно-историскиот Музеј, од скоро 50 илјади пријавени фотографии за натпреварувањето за 2017 година.
Во продолжение другите фотографии-финалисти на изборот на публиката:
Наградата за фотограф на годината е годишно натпреварување на Природно-историскиот Музеј за најдобри фотографи и фоторепортери на дивината.
Победничките фотографии ќе бидат изложени на посебна изложба во лондонскиот Музеј до 28-ми мај оваа година.