Изминатиов четврток се одржа првиот јавен настан во општествената градина „Бостание“. Таму беше претставено колаборативното дело „Симбиом“, со видео презентација на делата на Атанас Атанасоски и разговор со авторот.
„Симбиом“ е изработено во духот на „Land art“, уметничката практиката од шеесеттите и седумдесеттите години од минатиот век, сместено во градинарски, локален контекст.
Делото е изработено од четири уметници (Зорица Зафировска, Ана Ивановска, Андријана Андреева, Филип Велковски) со помош на градинарскот тим од општествената градина „Бостание“. Настанот беше поддржан од Град Скопје.
„Со ‘Симбиом’ истражуваме како се претопуваат уметноста и градинарството во нови созданија. Дури и да не присуствувавте на настанот, Симбиом е дело што допрва ќе се развива, а целиот процес на `ртење, растеж, цветање, венеење и разложување, може да се следи наредниве неколку месеци во градината. Повелете!“, соопштуваат од „Зелената арка“
„Зелената арка“ најавува дека наскоро и официјално ќе ја отворат градината за пошироката јавност, а во септември ќе ја одржат и првата меѓународна средба на иницијативи за зачувување на семенскиот материјал од автохтоните градинарски култури.
Фото: Кирил Шентевски