На скопските улици утринава не може да се забележат гужви, што е вообичаено за било кој друг ден во неделата. За ова придонесе тоа што денеска е прогласен неработен ден за сите вработени во државната и јавната администрација на подрачјето на Град Скопје поради Министерскиот состанок на Организација за безбедност и соработка на Европа (ОБСЕ).
Околу 1.000 члена на 76 делегации од 56 земји денеска и утре ќе учествуваат на Министерскиот состанок на Организација за безбедност и соработка на Европа (ОБСЕ) кој се одржува во Скопје.
Фото: Радио МОФ
Официјално, Министерскиот совет започна во 10 часот во Арената „Борис Трајковски“, со воведен говор на премиерот Димитар Ковачевски.
Министерството за внатрешни работи од вчера воспостави посебен сообраќаен режим кој ќе трае до завршувањето на министерскиот совет. Па така, делумно е затворен булеварот „Илинден“, од крстосницата со булевар „Св. Климент Охридски“ до крстосницата со улица „Љубљанска“ и булеварот „8 Септември“ – од крстосницата со улица „Скупи“ до крстосница со булевар „Партизански одреди“.
Одржувањето на настанот влијае и на линиите на јавниот превоз. Вчера, некои од линиите беа пренасочувани по други рути, а денеска автобусите линии возат по саботен возен ред. Билетарниците на ЈСП денеска се затворени.
За успешна организација на настанот, МВР претходно одржа генерална проба за настанот, со што воведоа посебен режим на сообраќај уште пред два дена.
Денеска е и неработен ден за сите вработени во државната и јавната администрација на подрачјето на Град Скопје. Ова се однесува и на основните и средните училишта во градот. Вчера нивното работно време заврши во 12 часот.
Организацијата за безбедност и соработка во Европа е регионална безбедносно-ориентирана меѓувладина организација која ги опфаќа земјите-членки во Европа, Северна Америка и Азија. Нејзиниот мандат вклучува прашања како што се контрола на оружјето, промоција на човековите права, слободата на печатот и слободни и фер избори.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи во текот на 2023 беше претседавач со Организација за безбедност и соработка на Европа (ОБСЕ). Веќе следната година, улогата на претседавач ќе ја преземе Малта, откако Русија претходно се спротистави нов претседавач со организацијата да биде Естонија.
Мартин Колоски