„Преку глава ми е“, „Запрете пред да биде предоцна“ и „Помислете на нас, за промена“ беа само дел од пораките кои средношколците од повеќе скопски училишта ги испратија на денешниот мировен марш по улиците на македонскиот главен град.
Групата од околу 40-тина млади луѓе, облечени во бели маици, во знак на бојата на мирот, го започнаа маршот од пред Собранието на Северна Македонија, по што се упатија до Владата каде дел од младите се обратија на присутните, а од звучниците одекнуваше анти-воената песна „Give Peace a Chance“ од Џон Ленон и Јоко Оно.
„Не барајте од нас младите да бираме страни. Нашиот избор е, и засекогаш ќе биде – мир! Ние сите припаѓаме на овој свет. Секој од нас се собра денес овде за да фрли светлина за она што се чува во мракот. Уште од мали нозе сме учени дека насилството не е решение, но се чини дека оваа изрека е невистинита во реалноста. Очигледно дека многу често единствениот начин на кој се решаваат нерешените прашања и проблеми во нашиот свет е со употреба на насилство и создавање немири. Самиот контекст на насилството стана толку чест во нашиот секојдневен живот, што често не го и забележуваме“, рече Ведрана Серафимовска Милошевска, средношколка од Гимназијата „Нова“.
„Бараме лидерите ширум светот да престанат да создаваат војни. Бараме крај на секое насилство и страдање во целиот свет. Очекуваме да живееме во мир (…) Помислете на нас за промена. Признајте го нашето постоење и слушнете ги нашите повици за помош. И поради тоа што нашата иднина е во вашите раце, наместо да си поигрувате со нашите животи помислете на нас за промена. Затоа, барем на овој начин, да се обидеме да влијаеме на лидерите на овој свет да ги погледнат последиците кои следат од нивните постапки и одлуки. Нашата цел е да ги поттикнеме и другите млади луѓе ширум светот да зборуваат и да почнат да делуваат. Ни треба вашата помош, ни треба вашиот глас. Моето денешно искуство ми покажа дека за да се случај промени, ние младите мора да дејствуваме за да се слушне нашиот глас. Ние не заслужуваме да живееме во страв. Ние сакаме да твориме, да се едуцираме, да се развиваме“, додаде Серафимовска Милошевска.
Собирот на средношколската младина беше во самостојна организација на средношколец од Средното интернационално училиште „Нова“, а во рамките на проект за граѓански сервис.
Мартин Колоски