[Галерија] „Слушни, види, сподели“ – завршна акција на Артивизам клубот

Членовите од Артивизам клубот во Струга заедно со нивните ментори, во саботата, 28 декември, во „Јуроп хаус“ во Струга ја отворија и промовираа изложбата „Слушни, види, сподели“ која имаше една единствена цел – подигнување на свеста против насилството.

Во рамките на акцијата во првиот дел СЛУШНИ, на македонски и албански се читаше авторска поезија и приказни од секојдневниот живот поврзани со насилството. Во делот ВИДИ беше прикажано видео поврзано со темата, а потоа публиката ги разгледуваше делата создадени од членовите на артивизам клубот. До секое дело стоеше авторот кој даваше дополнително објаснување за пораката на она што го создал.

Во текот на изложбата се делеа стикери против насилството изработени од членовите на клубот и најпосле во однос на делот СПОДЕЛИ присутните на изложбата охрабрени од она што го слушнале и виделе, запишаа свое мислeње за насилството на изложената табла, додека останати анонимно споделија свои лични приказни што ги посведочиле кои на крајот беа прочитани.

„Изразуваме голема благодарност на сите присутни за поддршката на оваа релевантна тема во нашето општество!“, велат од клубот артивизам на Младинскиот образовен форум (МОФ).

Јана Парталоска

Фото: Теодора Ѓоќеска

*Оваа објава е дел од #МладинскиГлас – мини рубрика на Радио МОФ каде се објавуваат содржини од членовите на младинските новинарски клубови на Радио МОФ. Прилогот е изработен од клубот во Струга под менторство на новинарот Бобан Перески.