Со премиерна изведба на симфонијата „Убави денови“ од Живоин Глишиќ, специјално напишана во чест на 30-годишнината од независноста на земјава, а во изведба на Филхармонијата под диригентската палка на Бисера Чадловска денеска започна свечената програма за одбележување на јубилејот пред Собранието.
Веднаш потоа низ центарот на Скопје продефилираа здравствени работници, пожарникари, земјоделци, рудари, спортисти, членови на културни уметнички друштва, волонтери на Црвениот крст, извидници, припадници на оружените сили од Армијата и од формациите за јавна безбедност на МВР, како и другите припадници на системите за заштита и спасување.
„Нивното дефиле пред гостите ја отслика Република Северна Македонија како држава од народот и за народот, нашата мултикултурна традиција и нашата европска определба, институциите на државата посветени на благосостојбата на граѓаните на нашата земја“, велат од Владата.
Церемонијалниот дел на програмата за одбележување на јубилејот продолжи со изведбата на уметнички акт на Филхармонијата сочинет од исполнувањето на Бетовеновата „Ода на радоста“ со вокалните солисти од Националната опера и балет, со вклучена кореографија на учениците од балетскиот оддел при ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“.
Овој дел од програмата се затвори со изведбата на антологиската „Абер дојде Донке“ во изведба на Влатко Стефановски.
Свечената програма продолжи со обраќањата на претседателот Стево Пендаровски, со видео обраќање на претседателот на Собранието Талат Џафери и со обраќање на претседателот на Владата Зоран Заев.
„Музичката програма што ќе следува по обраќањата на државниот врв предвидува изведба на музички сплет од познати нумери специјално аранжиран за оваа пригода, отпеан на јазиците на седум етнички заедници кои живеат во Република Северна Македонија, во изведба на Вера Милошевска – Јосифовска, Јеона Шакири, Елеонора Мустафовска и Минела Богдановиќ, во продукција на Димитар Димовски“, најавија од Владата.
Исто така, тие додаваат дека во церемонијата е вклучен и аудиовизуелен перформанс кој ќе се реализира врз зградата на Парламентот, со наслов „Минато, сегашност, иднина“ на Емил Петров, Петар Џон и Глигор Постоловски.
„Музичкиот дел од програмата со кој ќе заврши одбележувањето на 30-годишнината од независноста, предвидува изведби на антологиски забавни песни што ќе ги исполнат Мики Јовановски Џафер, Никола Перевски Пере, Тамара Тодевска, Дешира Ахмети, Џон Илија Апелгрен, Ристо Вртев, Светлана Јовановска, во придружба на Филхармонијата на Северна Македонија како и инструменталната изведбата на албанската народна песна ‘Бареша’, по што ќе следува свечен огномет“, додаваат од Владата.