[Галерија] Свечен прв академски час на УКИМ

Илјадници студенти денес за првпат зачекорија по академските патеки со што официјално започна новата академска 2024/25 година. По тој повод на платото на општествениот кампус, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во соработка со Универзитетското студентско собрание (УСС УКИМ) организираа свеченост за добредојде на првиот академски час.

Настанот беше отворен со интонација на државната, свечената химна на УКИМ и студентската химна „Гаудеамус“ во изведба на студентите, по што следуваа говори на ректорката и претседателот на УСС УКИМ. На свеченоста присуствуваа и претседателката Гордана Сиљановска Давкова и премиерот Христијан Мицкоски.

Ректорката Билјана Ангелова им посака добредојде и им честите на бруцошите кои се одлучиле да студираат на УКИМ.

„Ќе бидете опкружени со луѓе од различни средини. Секој со свои навики, знаења и искуства, со различни очекувања и амбции. Овие разлики се она што ја прави нашата заедница толку богата и уникатна. Дружете се со вашите колеги, запознајте ги вашите професори и бидете љубопоитни бидејќи учењето се случува не само во училниците, туку и надвор од нив во релациите што ги правите и искуствата кои ги споделувате. Вие го направивте првиот чекор со избор да инвестирате во својата иднина и заради тоа ви честитам. Од денешниот свечен час вие му припаѓате на УКИМ како најмлада генерација во неговата академска заедница, но и УКИМ ви припаѓа вам“, им порача Ангелова на присутните.

Студентскиот претставник Александар Николовски ги повика новите студенти активно да се вклучуваат во редовите на студентското собрание и да бидат дел од настаните кои ги организираат во претстојниот период.

„Затоа што колку повеќе сме обединети, толку повеќе сме општествено активни и заедно работиме, толку повеќе позитивни промени ќе се случуваат. Бидејќи она во што верувам, а за кое со тимот секојдневно и макотрпно работиме е да покажеме дека со слушање на гласот на студентите можеме да станеме држава наместо од која ќе се отселуваат, ќе се враќаат нашите млади и ќе ја градат иднината во нашата земја“, рече студентскиот лидер.

„За крај, претседателке, премиере, пратеници и пратенички, министри, поддржувачи и претставници на академската фела, да наша задача е се бориме за промени, нваша задача е да не мотивирате, да не задржите, и да ни ги дадете сите шанси промените да ги направиме тука, во нашето општество, а не во странство“, порача Николовски.

По него се обрати претседателот на Владата, Христијан Мицкоски кој на студентите им порача да го искористат времето на студирање да изградат нешто значајно за себе, за нивното семејство и татковина и најави какви заложби ќе преземе Владата во следниот период со цел да го поддржи развојот на образованието.

„Веќе започнуваме со институционални ангажмани за понатамошна реконструкција на некои факултети во дел од нашите универзитети каде ќе се постават најсовремена опрема и технологии кои ќе им овозможат на студентите да стекнат практични вештини во склад со потребите на современата индустрија. Второ, започнуваме со обликување на проект со дигитализација на универзитетската администрација со цел да ги олесниме процесите на пријавување, запишување и оценување кое ќе ја намали бирократијата и ќе им даде повеќе време на професорите и студентите да се фокусираат на она што  најважно во образованието. Трето, ја промовираме програмата за интернационална соработка и размена на студентите. Студентите и професорите ќе имаат повеќе можности за студирање и истражување надвор од земјата“, рече Мицкоски и најави дека од буџетот во следната година ќе се издвојат повеќе средства за научни истражувања.

Годинава за упис на УКИМ интерес пројавиле 5.200 студенти, од кои, како што рече претседателката Гордана Сиљановска Давкова, 200 доаѓаат од надвор од државава.

„Тоа покажува дека сме компетитивни. Јас и кога се запишував на овој факултет и денеска верувам дека УКИМ е најдобриот, а не само најстариот универзитет. Сте направиле вистински избор. Верувам дека колешките и колегите ќе го докажат она што го има во химната – дека заслужуваат во една химна да се пее дека треба да живее академијата и дека треба да живеат тие, не само заради себе, не само заради своето образование, не само заради своите успеси, туку како ваши учители“, кажа таа во својот говор.

Претседателката Сиљановска преполното плато го нарече интелектуална градина на умови која професорите и надлежните треба да ја негуваат.

„Учењето е најдобата инвестиција и затоа добро е кога зад мене е премиерот и кога ветува дека вложувањата во образованието и во науката мора да се зголемат“, порача таа.

„Посакувам да почнеме да се качуваме по Шангајската листа, посакувам да ја преиспитаме мрежата на огромниот број студенти, посакувам да ги лоцираме парите во најдобрите универзитети. Посакувам да ве задржиме бидејќи подобра инвестиција од оние кои се најдобри, нема“, истакна Сиљановска Давкова.

По говороите ректорката Билјана Ангелова им ги додели индексите на прворангираните на сите факултети. Потоа следуваше неформален дел со штандови на студентски и младински организации каде идните студенти добиваа информации за нивните права и можности во формалната и неформалната академска заедница.

Програмата продолжува вечерва со музичка забава на Платото на УКИМ на кое ќе настапат Пајак и Лара, бендовите „Укимци“, „The Ringtones“, „Sioto Jazz“ и диџјеот Димчуга, а потоа продолжува во Скопје Евент Центар.

Фотографии и текст: Ангела Бошкоска