Со главната фестивалска вечер, синоќа беше затворено седумнаесеттото издание на музичкиот фестивал Таксират. В0 Метрополис арената на Скопски саем, меѓу останатите изведувачи, настапија и култните Laibach, виртуозите 2Cellos, разиграните La Pegatina.
Шведскиот бенд Sabaton ја отвори фестивалската вечер, настапувајќи со своите познати хеви метал песни и стихови инспирирани од историјата. По нив сцената ја презеде култниот авангарден бенд од Словенија, Laibach, кои неодамна станаа првите странски музичари кои свиреле во Северна Кореја. Дегенеричниот поп бенд“ својот настап го започна со песната Eurovision, која се најде на нивниот последен албум Spectre. Нивниот настап беше моќен, но краток за публиката која беше дојдена за да го слушне овој бенд. Бараа уште, но бисот на сцената изостана.
Следуваше настапот на Каталонците La Pegatina, кои ја „размрдаа“ публиката со своите ска нумери со примеси на традиционална каталонска музика. Членовите на бендот ниту за момент не застанаа во место за време на својот настап на сцената, посетителите пак беа разиграни на подиумот.
Најмногубројна и најрасположена публиката беше за време на настапот на Хрватите 2Cellos, кои пред неколку дена имаа самостоен концерт пред скопската публика, на 4 декември. Поради големиот интерес, беше најавен и втор настап за главната фестивалска вечер. Со своите преработки на познати поп и рок хитови, како Thunderstruck, Highway to Hell, With or Without You и Satisfaction ја распејаа публиката, која не ги штедеше овациите за виртуозите на виолончело кои Елтон Џон ги спореди со Џими Хендрикс во 60-тите.
Иако во помал број, публиката со големо задоволство ги дочека скопските рап легенди САФ, кои за прв пат со бенд го изведоа албумот САФИЗАМ. Интересната комбинација од рап придружуван со музика во живо отсвирена од Little Big Band на Тони Китановски ги задоволи обожавателите на култните скопјани. И по некој џоинт на сцената.
Фестивалот со својот сет го затворија англиските диџеи MODESTEP.
На главната фестивалска вечер годинава и претходеше богата придружна (оф)програма, како и музичката концеренција ПИН која се одржа во МКЦ пред десетина дена.