Точно една година од почетокот на руската инвазија врз Украина, заедницата на Украинци во Македонија денеска одржа собир во центарот на Скопје за да го одбележи 24 февруари. Во организација на здружението „Лесја Украинка“, десетици граѓани со украински знамиња и транспаренти од плоштадот каде што првично се собраа, а каде се пушташе украинска музика, се упатија кон споменикот на познатиот украински писател Тарас Шевченко, каде положија цвеќиња и запалија свеќи.
Претседателот на здружението „Лесја Украинка“ Александар Урбанович на почетокот на настанот изјави дека тоа со кое пред една година се соочиле, никогаш не можеле да го очекуваат, односно дека во 21 век некој ќе сака да војува за туѓи територии. Но, истовремено додаде дека тие веднаш добиле голема поддршка од сите држави.
„Ние, како здружение на Украинци во Македонија сакаме да се заблагодариме до Македонија, македонската власт, до македонските луѓе што од првите денови пружија многу голема помош, компаниите да не ги бројам, во првите денови испратија хуманитарна помош за Украина која беше најнеопходна во тие периоди“, рече Урбанович.
Во однос на бегалската криза, тој посочи дека во тој период добиле помош од Црвениот крст, хуманитарната организација „Св. Спас и организацијата „Легис“, со тоа што, како што рече, нашите бегалци тука се згрижени со храна, со хигиена, и со лекување што се овозможува да се чувствуваат комфорно.
„За жал, само едно не успеавме да средиме, тоа е лесно и едноставно вработување на украински бегалци кои би сакале тука да заработуваат некој денар за да можат да опстојат во државата, да биде полесно. Се надевам со време и тоа ќе го пречекориме“, рече Урбанович.
Одговарајќи на новинарско прашање на Радио МОФ, Урбанович истакна дека отприлика 400 бегалци од Украина добиле лични карти од хуманитарни причини, но додаде дека тоа не значи и дека престојуваат тука.
„Тие ја извадиле таа лична карта, за да можат да опстануваат тука повеќе од 3 месеци. Таа лична карта им овозможува само престој, не им дозволува лекување и не им дозволува вработување. Ние сакаме да замолиме ако може да се среди како во Европската Унија, со добивање на лична карта од хуманитарни причини им се овозможува и вработување и лекување во здравствен систем“, истакна Урбанович.
Инаку, денеска на зградата на македонското Министерство за надворешни работи беа истакнати знамињата на Македонија и Украина.
„На овој ден одбележуваме 1 година од руската инвазија на Украина. Македонското и украинското знаме се поставени на Министерството за надворешни работи. Солидарноста, поддршката и решението да бидат на страната на слободата, демократијата и правдата. Стоиме рамо до рамо со украинскиот народ пред лицето на руската агресија“, пишува во твитот на МНР.
#OTD we mark 1️⃣ year since Russia’s full-scale invasion of #Ukraine
🇲🇰 & 🇺🇦 flags placed @MFA_MKD ➡️ #solidarity, #support and #resolve to be on the side of #freedom, #democracy and #justice
We stand shoulder to shoulder w/ Ukrainian people in the face of the#RussianAggression pic.twitter.com/pgFofISri9
— MFA North Macedonia 🇲🇰 (@MFA_MKD) February 24, 2023
УНХЦР: Несигурноста го оневозможува враќањето на раселените Украинци
По една година од руската инвазија на Украина, Агенцијата на Обединетите нации за бегалци (УНХЦР) посочи дека повеќе од 13 милиони луѓе остануваат раселени од нивните домови, вклучувајќи речиси 8 милиони бегалци низ Европа и повеќе од 5 милиони внатрешно раселени лица во рамките на Украина.
Во двата нови извештаи кои УНХЦР денеска ги издаде се наведува дека сепак нивните можности за враќање во блиска иднина, се оневозможени од продолжените воени дејствија, несигурност и уништување на нивните матични региони.
„Човечкото страдање и маки кои ги предизвика војната се надвор од поимливото. Со третина од населението на Украина приморано да избега од своите домови, ситуацијата останува непредвидлива. Мораме да продолжиме да одговараме на потребите на раселените луѓе и да ја осигураме нивната безбедност сѐ додека не можат да се вратат дома“, изјави Паскал Моро, Регионалната директорка за Европа на УНХЦР.
Агенцијата за бегалци спроведе уште една анкета во последниот период за намерите и интервјуираше илјадници луѓе раселени од војната. Насловени како „Животи на чекање“, најновите извештаи, еден со фокус на бегалците, а друг на внатрешно раселените лица даваат увид во искуството на раселените Украинци по една година, и нивните намери и фактори кои влијаат на нивните избори.
Некои од клучните наоди од двата извештаи се дека 77% од бегалците и 79% од внатрешно раселените лица сакаат да се вратат дома еден ден, но само 12% од двете групи планираат тоа да го сторат во следните три месеци.
Според најновите податоци на Канцеларијата за човекови права на ОН (ОХХР), најмалку 8.000 цивили се убиени во руската инвазија на Украина, а речиси 13.300 се повредени. Сепак, се наведува дека вистинскиот број веројатно е значително поголем.
Мартин Колоски