Попладнево, стотици граѓани продефилираа низ Вевчани и ги презентираа своите изработени маски мотивирани од различни секојдневни и несекојдневни животни ситуации на традиционалниот Вевчански карневал, кој се организира за празникот Св. Василиј, односно Василица.
Карневалот денеска се одржа под различни услови, со помалку маски и помалку публика за разлика од минатите години поради трагедијата која се случи во раните утрински часови каде загина 19-годишен вевчанец.
Од „Вевчански карневал“ посочија дека во координација со општината и василичарските друштва од Горна и Долна мала се донела одлука, заради продолжување на традицијата, сепак да се одржат традиционалните адети.
Погледнете го денешното дефиле на маските преку објективот на Радио МОФ:
фото: Радио МОФ / Мартин Колоски
Инаку, музичката програма за карневалот која беше предвидена вечерва беше откажана по немилиот настан. Градоначалникот на Општина Вевчани Спасе Кочовски и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, изразија жал за немилион настан и сочувство до семејството на загинатиот. МВР трагедијата претходно ја потврди во својот билтен.
„Рано утрото околу 01.20 часот, во СВР Охрид, било пријавено дека на регионалниот пат кон Вевчани, во близина на село Подгорци, струшко, патничко моторно возило „ауди“ со вевчански регистарски ознаки, управувано од М.М. (19) од Вевчани излетало од коловозот. Во несреќата на местото на настанот починал возачот. Извршен бил увид од Јавен обвинител и увидна екипа од ПС Струга“, стои во билтенот на МВР.