Со краток марш низ улиците во Скопје, сексуални работници, граѓани и активисти побараа закон со кој ќе престане насилството кон оваа ранлива група на луѓе и ќе се казнуваат виновниците.
Според податоците на граѓанската иницијатива за заштита и унапредување на правата на сексуалните работници во Македонија СТАР-СТАР, неажурноста на полицијата по пријавен напад, сериозно влијаело на одлуката сексуалните работници да пријават насилство од нивни клиенти и партнери.
Ова според Борче Божинов од СТАР-СТАР, создава услови насилството да се повторува.
Тој најави дека организацијата ќе започне со објавување на имињата на насилниците, ако институциите тоа не го направат.
„Од следната година почнува датабаза каде што ќе ги заведуваме сите насилници, дури и оние коишто работат на високи служби, и следната година ќе ги објават со име и презиме доколку институциите тоа не го направат“, рече Божинов.
Насилството е голем проблем за сексуалните работници во Македонија, тоа го покажуваат и податоците од истражувањето што ХОПС го спроведе оваа година, во неколку градови во државата.
Од 310 сексуални работници, 211 сексуални работници или 68,1 отсто од испитаните потврдиле дека биле малтретирани поради сексуалната работа, посочи Воскре Наумовска Илиевска од организацијата. Меѓутоа, само 1,3 отсо од испитаниците пријавиле насилство во полиција и имале добар однос.
„Остануваат самите сексуални работници да се справуваат со овие ситуации. Во иднина, доколку тие се соочат со ново насилство, тие воопшто нема да се обидат да го рпијават насилството. Ние се соочуваме со тешка ситуација во којашто ни е тешко да ги мотивираме сексуалните работници да пријават насилство во полиција, бидејќи ја имаат изгубено довербата во системот. Таа доверба мора да се врати, меѓутоа за тоа треба да има повратен одговор од другата страна, односно полицијата треба да покаже иницијатива и посветеност во однос на ова прашање“, смета Наумовска Илиевска.
Организациите упатија препораки до институциите барајќи брзи и темелни истраги во случаи на извршени напади, против униформирани лица кои ја злоупотребиле функцијата за изнудување на услуги од сексуалните работници, како и суштинска вклученост на сексуалните работници во нацрт-законите, политиките и програмите кои директно влијаат на условите во коишто тие живеат и работат. Тие бараат повлекување на прописите со кои се утврдуваат парични глоби за сексуалните работници кои свесно и доброволно се вклучени во сексуалната индустрија.
Маршот започна на улица „Македонија“, а заврши до плоштадот „Филип Втори“. Со главната парола „Стигмата убива“ и црвените чадори, се одбележа Меѓународниот ден за запирање на насилството врз сексуалните работници, 17 декември. Во продолжение, погледнете го видеото и галеријата со фотографии од маршот.