[Галерија + видео] Скопје будно и креативно за „Бела ноќ 2018“

Концерти, филмови, изложби, поетски читања, инсталации, импровизации и работилници донесе овогодишната „Бела ноќ“, која го направи Скопје раздвижено и креативно од попладнето низ целата вечер.

Организаторот МКЦ, со покровителство од Град Скопје, акцентот го стави на домашните уметници, за да се покаже дека „Бела ноќ“ не е само вечер кога кафулињата работат со неограничено време.

Како и секоја година, целовечерен музички настан кој обедини стотици разиграни ликови се случуваше во МКЦ. Овој пат таму во склоп на „Бела ноќ“ се одржи „ПМГ Фестивал – Сонична младост“, за одбележување на 20-годишнината на независната издавачка куќа „ПМГ Рекордингс“. Настапуваа 13 имиња на три стејџа.

„Дупер“ :

„ПМГ Колектив“:

„Сетстат“:

Креативна работилница за деца со „Колектив Ветерница“ се одржа кај ТЦ „Лепкорија“. Децата на располагање имаа акрилни бои, колажи, текстил, рециклирани материјали, маркери, фломастери, материјали за рачна изработка… Изработуваа 3Д објекти од картонски кутии, кои би сакале да ги има во градот.

Детска работилница за уметност со Доротеј Нешовски имаше и кај платото на „Млечен ресторан“.

Градскиот дувачки оркестар свиреше на скверот „Јадран“, со што и официјално ја отвори „Бела ноќ 2018“.

На плоштадот „Македонија“ од 20 часот беше поставена инсталацијата на Ненад Тонкин и Јана Јакимовска „Визија Скопје“.

„Импров група“ настапуваа во „Јавна соба“. Дечките пред секоја нова публика носат нова импровизација, за која самите велат дека овозможува да се самоспознаеме и да се сетиме колку всушност е убаво кога се препуштаме на моменталната креативност во секојдневните човечки ситуации.

Во основното училиште „Песталоци“ присутните уживаа во „Вело кино“.

Кај лавиринтот во Градскиот парк се случуваше уникатен хепенинг, отворена импровизаторска сесија „Е’н 2 три“. Во превод – 60 минути, 50 музичари, 10 тапани, 25 гитари, 15 клавијатури, 100 продолжни кабли, две визуелни сензации и една скулптура.

Со манифестацијата стартуваше и фестивалот на светлосна уметност „Skopje red light district“ – инсталации и светлосни изненадувања низ јавен простор, што се одржува до деветти октомври. Граѓаните од Ибни Пајко, па низ Чаршијата имаа можност за интригатно доживување исполнето со многу бои.

Во манифестацијата беа вклучени две средни училишта, гимназијата „Никола Карев“ со голема свирка на малите бендови и гимназијата „Орце Николов“ со театарска претстава „Образование, абе ајде“.

Се одржуваше и изложба на детски цртежи во Детскиот културен центар – Карпош

Изложбата „Архитектура, помеѓу архитектурата“ беше поставена во галеријата во МКЦ.

Бетонско Скопје – промоција на сет разгледници од документираното постземјотресното градителско наследство на Скопје.

Исто така, „Бела ноќ“ вклучуваше и концерт во МСУ на Дуња Иванова и Ана Пандевска – „Градот убав и градот шугав – свита за Скопје“ и проекција на филмот „Метеори“. Потоа, Железничката зграда беше активирана со „Кога зградите би зборувале – кино за заедницата“, во НУБ – „Опскурно Скопје“, на плочник зад Соборен храм имаше камерен концерт и фандрејзинг за фестивали, во Кинотека на Македонија се проектираа филмови во рамки на „Скопје Синема сити“, се одржуваше театарска претстава „Подигни ме“ во Мала Станица, кај ГТЦ имаше ролер диско со Дарко Марковски…

Бојан Шашевски
Фото: МКЦ