Во мултимедијалниот објект „Мала станица“, утре, на 14 јули се организира прошетка низ изложбата на четворицата финалисти за наградата „ДЕНЕС 2022“, што беше доделена по шеснаесетти пат.
Оваа година финалисти беа уметниците Дарко Алексовски, Ивана Мирчевска, Кристина Пулејкова и Зоран Шекеров.
Годинава наградата за исклучителна и истакната тековна уметничка практика како единствена награда за млад/а визуел(е)н/а уметни(к)чка во земјава од овој вид ѝ беше доделена на Ивана Мирчевска.
Стекнувањето со оваа награда значи дека добитниците добиваат право на двомесечна програма за престој на уметници во Њујорк во Residency Unlimited (RU). Воедно, наградата, како што се вели во описот, овозможува уникатно искуство на уметниците да бидат дел од специјално наменет едукативен процес во визуелната уметност, да имаат средби и презентации со меѓународна жири комисија и да продуцираат дело, во рамки на изложба како финалисти на наградата.
Галериската прошетка во четврток ќе го назначи крајот на изложбата што беше отворена во Националната галерија на РСМ – „Мала станица“. Прошетката ќе започне во 19 и 30 часот, а влезот е бесплатен.
„Оваа прошетка ќе ги втурне посетителите во едно необично искуство кое ќе им овозможи одново запознавање со градот Скопје и причините поради кои вреди повторно да му се навратиме со љубопитност, наместо со носталгија. Истата е предводена од Бојана Јанева која преку своето долгогодишно искуство како историчарка на уметноста се вложува кон промовирање и доближување на уметноста и културата до сите заинтересирани граѓани кои сакаат да искусат еден поинаков и возбудлив поглед кон градот и современите уметнички пракси“, се вели во најавата.
Јавната прошетка ја организира организацијата „Факултет за работи што не се учат – ФРУ“, Скопје во соработка со иницијативата „Најново нормално“.