На сртот на Водно накај Матка, насред заштитена парк-шума, багери деновиве копаа и отстрануваа дрвја за изградба на гасовод. Веста за ново уништување на шумскиот фонд ги вознемири активистите и планинарите. Донесе и лавина реакции низ социјалните мрежи, особено што машинеријата се појави без најава, а ги фати затечени и градските власти на Скопје.
Низ парк-шумата поминува делница од гасоводот Скопје – Тетово – Гостивар. Тој е инициран уште од 2010 година, дел од националниот гасификационен систем. Меѓутоа, голем број граѓани се револтирана што државата преку АД Македонски енергетски ресурси (МЕР) гради т.н. „поевтина“ траса на цевковод, и тоа низ самото Водно. Дополнително што планината години наназад веќе ја „јадат“ градежни апетити, иако треба да претставува белодробна оаза и заштитник на Скопје од поплави.
„Mногу нелогично што дел од трасата оди преку Водно. Се добива впечаток дека тоа е направено само за да го опфатат и Сончев град! Ќе се направат големи штети на екосистемите на Парк-шума Водно, а плус ќе се предизвика и ерозија на земјиштето, поради стрмниот терен. Сметам дека треба да се направи ревизија на еколошките аспекти на целиот проект, а и на тоа колку се запазени сите процедури во неговото усвојување. Посебно во делот за учеството на јавноста“, вели за Радио МОФ активистот и екологист Петар Бошевски.
Тој долго време истражува за сечите низ Водно и преку документација архивира и следи како институциите се справуваат со проблематиката. Од штурите информација што сега ги добива јавноста за Водно, смета тој, веќе се наѕира непочитување на она дел што е пропишано во Студијата за проектот.
„Исечени се неколку дрвја, а тоа не смее да се прави после февруари заради гнездењето на птиците“, нагласува екологистот.
Министерството за животна средина и просторно планирање не знае што се случува на терен. Го информирале Државниот инспекторат за животна средина да изврши увид и констатира што точно се прави на локацијата.
„Инспекцискиот увид ќе се изврши во текот на утрешниот дет, па потоа ќе бидете информирани во детали за затекнатата состојба“, соопштуваат од Министерството за Радио МОФ.
Град Скопје ги негира наводите објавени на социјалните мрежи дека е поврзан со градежните активности на сртот на Водно.
„Сакаме да нагласиме дека Градот Скопје не беше запознаен за почетокот на градежните активности на посочената локација. Според проценките, направена е минимална штета и во моментов градежните активности се целосно стопирани. Градот Скопје, Владата на Република Македонија и МЕР ќе формираат работна група со цел надминување на ова недоразбирање и заедничко одлучување за натамошните чекори“, велат од Градот.
Дека зафатите се стопирани и градоначалникот Петре Шилегов е запознаен со случајот, тврдат и од ЈП „Паркови и зеленило“. Во тек се состаноци на кои ќе се реши како да се постапува понатаму, а навните чувари изготвиле записници за активностите на Водно.
„Она што ние го знаеме е дека почнале подготвителни работи за гасоводот, но се е стопирано и во тек се состаноци на кои ќе се реши дали изградбата ќе продолжи. Ние немаме ниту дадено одобрение за сеча на дрвја, ниту сме добиле барање за сеча“, ни одговорија од претпријатието.
Се обративме и до градежната фирма-изведувач „Рапид Билд“. Таа е ангажирана со договор со МЕР. Има задача во периодот од 2016 до крај на 2019 да ја заврши делницата Скопје – Тетово – Гостивар. Тврдат дека инвеститорот има правосилно одобрение за градење.
„При постапката за негово добивање контактирани се сите релеватни институции во државата. Никој не дал негативен одговор за градење преку Водно. Значи, практично, поминати се сите законски процедури, а преку добиено одобрение за градба, преку тој основ и ние сме воведени во работа“, вели за Радио МОФ Тони Каранфиловски, управител во „Рапид Билд“.
Според него, трасата на Водно се разгледувала повеќе пати. Се правеле анализи, истражувања за разни солуции. Но, вели тој, не постои друга можност гасоводот да стигне до Тетово и Гостивар, а да не поминува низ Водно.
„Се’ друго ќе чини енормно скапо и е неизводливо. Од друга гледна точка, се правеше анализа и за животната средина, врз која, потенцирам, нема да има никакво влијание. Гасот како енергенс многу значи за Македонија. Ако зборуваме за загадување, единствено решение е гасот. Тоа е спасот. Поминуваме, укопуваме цевка, па за 2-3 години никој нема воопшто да познае каде поминува цевката на Водно. Нема да се гледа од хелокоптер. Пројдете сега каде ги правевме првите 21 километар, од Клечовце до Штип, почнати од 2015 години – нема да ја најдете цевката. Единствено можете по маркирните столбчиња за гасоводот, поставени на еден километар. На трасата повторно се вратила вегетацијата, луѓето си ги обработуваат земјоделските површини над цевката, се сее пченица…“, тврди Каранфиловски.
Машините на Водно ги мобилизирале минатиот вторник, а запреле по реакцијата на Град Скопје, преку инвеститорот МЕР. На лице место, тврди тој, бутнати се две дрвја, за да можеле со машините да пристапат кон трасата.
„Треба да се има разбирање. Ако има побарување за некаква штета, за тие две ќе насадиме и 20 дрвца и повеќе. Влијанието врз животната средина е минорно“, вели тој.
МЕР се јавува како инвеститор и е најповикана за случајот. Но, иако и од Министерството за транспорт и врски не’ препратија до нив за трасата за гасоводот, сепак до објавувањето на текстов од МЕР не одговорија за зафатите на Водно.
Директорот Благојче Котевски во јануари нагласи дека активностите за гасоводот го следат голем број проблеми со експропријација на земјиштето. Бројот на предмети е огромен, нагласи тој, но полека се решаваат, а најважно е што „се обезбедени средства за обесштетување на сопствениците на парцелите и тоа вкупно пет милиони евра, од кои четири за делот од Скопје до Гостивар со крак кон Тетово, а еден милион за делницата од Неготино до Битола“.
„Се планира сега да се реши експропријацијата, за да може градежната сезона наредната година да почне без проблеми и наредните 80 километри гасовод да се завршат и гасификацијата да стигне до крајните точки Битола и Гостивар“, рече Котевски.
Што предвидува проектот?
Магистралниот гасовод Скопје-Гостивар-Кичево, гледано низ Водно, треба да минува под локалниот пат за селата Соње и Ракотинци. Да ја заобиколува викенд-населбата помеѓу село Сопиште и село Ракотинци и навлегува во урбаниот простор на планираната населба Сончев Град. Од таму се искачува кон врвот Водно западно од Милениумскиот крст.
На ова место предвидено е одвојување од главниот магистрален вод со поставување блок-станица „Водно“ за опслужување на комплексот во склопот на Милениумскиот крст. Од врвот на Водно гасоводот продолжува кон Матка.
Со проектот се предвидува минималниот работен појас по должината на трасата на гасоводот за негова непречена изградба да изнесува 25 метри. Исто така, заштитниот појас на гасоводот е широк 200 метри од секоја страна на цевководот, сметајки од неговата оска.
„Минималното вкопување на гасоводот е 0,80 сантиметри, а кога се поставува во каменлив терен длабочината може да биде помала, но не помала од 0,50 сантиметри. Во просек длабочината на поставувањето на цевководот најчесто ќе изнесува 2 метри од котата на теренот. Кога гасоводот се води под одводни канали, длабочината на вкопување не е помала од 0,80 сантиметри од најниската точка на каналот. Во такви случаи дебелината на цевката на гасоводот е за 25% поголема од пресметаната дебелина, или цевката ке се постави во заштитна цевка“, стои меѓу другото во документ од 2010 година, со кој се известува намерата за изведување на проектот „Национален гасификационен систем во Република Македонија: Делница Скопје-Гостивар-Кичево“.
Инаку, Радио МОФ досега на неколку пати пишуваше за состојбата со Водно и (пре)заштитата на шумскиот фонд. Парк-шумата е под ингеренции на „Паркови и зеленило“, но јавното претпријатие повеќе претставува нем набљудувач на уништувањето на белодробната оаза, отколку со одврзани раце да може да спречува и санкционира штета врз шума вредна илјадници евра. Со тоа, активно да спречува и загадување, и потенцијални ерозии и поплави во градот.
Водно со години го делкаат, „Паркови и зеленило“ со „врзани раце“ за да спречува шумски штети
Бојан Шашевски