Гејминг светот цвета во пандемијата

Светот на гејмингот постојано еволуира, а со тоа доаѓаат и нови гејмери. Овој сектор последниве три години има 500 милиони нови натпреварувачи, а вредноста на глобалната гејминг индустрија во моментов преминува 250 милијарди евра, покажува нов извештај на „Accenture“.

Минатата година и половина, со пандемијата од Ковид-19, луѓето имаа повеќе време додека беа во своите домови и гејмингот брзо стана една од најпопуларните активности. Всушност за време на првите карантини помеѓу февруари и април 2020 година имало огромен пораст на луѓето кои играле видеоигри, пишува Еуроњуз.

„Во моментов ова е возбудливо време за нас бидејќи, разбирливо, последниве 18 месеци луѓето повеќе време беа дома и имаа доста слободно време. Па, како компанија која развива мобилни игри, забележавме голем раст на побарувачката, што е одлично да се види“, објаснува наградуваниот дизајнер на игри, Пол Хурел.

Освен игрите на смартфони забележан е и пораст на гејмери поради новите технологии, како виртуелната реалност која овозможува нови искуства во играњето.

Индустријата не ја движат само луѓето кои седат дома и играат на нивните уреди, туку и компаниите кои развиваат видеоигри, е-спортовите, „клауд“ гејмингот и онлајн натпреварите.

Ахмад Ал Мегесиб е меѓународна ѕвезда во е-спортот и професионален фудбалер. Тој вели дека ги игра игрите за да им обезбеди идеи за подобрување на дизајнерите. Ж

„Ќе пробаме некоја игра и ќе дадеме фидбек. Кога ќе ги видат нашите размислувања, тие го земаат тоа сериозно и ја подобруваат играта со цел да ни понудат подобра верзија следната година“, вели тој.

Индустријата стана кариерен избор на голем број млади луѓе. Според Хурел постојат многу луѓе како него, кои играат игри уште од деца.

„Сега постои нов бран луѓе, како мене, кои играле игри низ нивното детство. И кога стануваат возрасни и одлучуваат каква кариера сакаат да имаат тие избираат игри најмногу поради возбудата да работат на нешто за што имаат страст, но истовремено е голема индустрија со многу можности“, објаснува тој.

Гејминг аналитичарот Тед Полак смета дека популарноста на гејмингот секогаш ќе продолжува да расте.

„Она што го забележуваме е најверојатно 15-годишен природен раст. Напредниот гејминг чини многу пари. Луѓе трошат по 500 долари годишно за нивните моќни компјутери и конзоли. Зборуваме за стотици милиони нови корисници во следните десет години“, вели тој.