Генералниот секретар на ОН: Светот не може да си дозволи Либан да стане уште една Газа

Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш, во своето обраќање на состанокот на Советот за безбедност на Обединетите нации изјави дека светот не може да си дозволи Либан да стане уште една Газа, пишува „Анадолу“.

„Народот на Либан, како и народот на Израел и луѓето во светот, не можат да си дозволат Либан да стане уште една Газа“, рече Гутереш.

Тој повика на итен прекин на непријателствата и ги повика сите страни да преземат конкретни чекори за имплементирање на резолуциите 1559 и 1701 на Советот за безбедност на ОН.

„Цивилите мора да бидат заштитени. Цивилната инфраструктура не смее да биде цел“, порача тој.

Шефот на ОН ја нагласи потребата и за сигурност и безбедност на целиот персонал на ОН, велејќи дека меѓународното право мора да се почитува од сите страни.

„Со еден јасен глас да кажеме, престанете со убивањето и уништувањето, ублажете ги реториката и заканите, отстапете од работ. По секоја цена мора да се избегне сеопфатна војна. Тоа сигурно би било сеопфатна катастрофа“, предупреди тој.

Гутереш истакна дека со неодамнешната размена на оган меѓу Либан и Израел се прекршува резолуцијата 1701 на Советот за безбедност, како и секојдневната употреба на оружје од недржавни вооружени групи, со што, исто така, се прекршуваат резолуциите 1559 и 1701.

Гутереш, исто така, соопшти дека ескалацијата на насилствата принудила речиси 200.000 луѓе во Либан и над 60.000 луѓе во Северен Израел да ги напуштат своите домови од октомври минатата година.

„Заедниците во Северен Израел и Јужен Либан мора да можат да се вратат во своите домови и да живеат во сигурност и безбедност, без страв“, рече тој.

Генералниот секретар на ОН ја нагласи потребата од почитување на суверенитетот на Либан и дозволување на либанската држава да врши целосна контрола над оружјето во рамките на нејзините граници. Тој ја потврди поддршката на ОН за зајакнување на Либанските вооружени сили со цел стабилизирање на регионот.

„Сето ова мора да престане“, рече Гутереш, повторувајќи ја итната потреба за мир и стабилност во регионот.

Израел започна серии воздушни напади врз Либан од понеделникот наутро, во кои загинаа речиси 610 луѓе, а повредени се над 2.000, според либанските здравствени власти.

Либанската група Хезболах и Израел разменуваат прекуграничен оган од почетокот на израелскиот напад врз Појасот Газа, во кој од 7 октомври минатата година загинаа повеќе од 41.400 луѓе, главно жени и деца.

Меѓународната заедница предупреди дека нападите врз Либан ја зголемуваат опасноста од регионално проширување на конфликтот од Газа.