Генералниот секретар на ООН ја осуди употребата на сила над демонстрантите во Мјанмар

Генералниот секретар на Обединетите нации (ООН), Антонио Гутереш ја осуди употребата на смртоносна сила во Мјанмар, каде безбедносните сили пукаа на демонстранти кои протестираат против воениот пуч во земјата, пренесува „Н1“.

„Ја осудувам употребата на смртоносно насилство во Мјанмар“, напиша Гутереш на Твитер и додаде дека „употребата на смртоносна сила, заплашување и малтретирање на мирни демонстранти е неприфатлива“.

Гутереш рече дека сите имаат право на мирен собир и ги повика сите страни да ги почитуваат изборните резултати.

Двајца демонстранти беа убиени, а околу 30 беа повредени вчера во градот Мандалеј, кога безбедносните сили пукаа на протестниот собир против воената хунта, во досега најтешките судири меѓу демонстрантите и безбедносните сили од пучот на 1 февруари.

Ескалацијата на насилството следеше еден ден откако 20-годишно девојче почина откако беше рането од огнено оружје на протест во главниот град Непјидо на 9 февруари.