Со 84 гласа за, 19 против и 68 воздржани, Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) вчера ја усвои нацрт-резолуцијата за Сребреница, со која 11 јули се прогласува за Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница, пренесува Н1.
Помеѓу земјите кои гласаа за, беше и Македонија, која исто така беше коспонзор на Резолуцијата.
Резолуцијата беше предложена од Германија и Руанда, а спонзорирана од уште 30 земји, меѓу кои се и земјите од Квинта и сите поранешни југословенски републики, освен Србија и Црна Гора.
Во нацрт-резолуцијата безрезервно се осудуваат дејствијата кои ги глорифицираат осудените за воени злосторства, злосторства против човештвото и геноцид, вклучително и одговорните за геноцидот во Сребреница. Исто така, се нагласува важноста од завршување на процесот на пронаоѓање и идентификување на преостанатите жртви на геноцидот во Сребреница и нивно достоинствено погребување и се повикува на продолжување на кривичното гонење на сторителите на геноцидот во Сребреница.
Во неа, се повикуваат сите држави целосно да се придржуваат кон своите обврски од Конвенцијата за спречување и казнување на злосторството за геноцид, меѓународно обичајно право за спречување и казнување на геноцидот, притоа почитувајќи ги одлуките на Меѓународниот суд на правдата.
Од генералниот секретар на ОН бара да воспостави програм за информирање насловен „Геноцидот во Сребреница и Обединетите нации“ за да ги започне подготовките за 30-годишнината од комеморацијата во 2025 година и дополнително бара од генералниот секретар да испрати резолуција до сите членки држави, организации на системот на Обединетите нации и граѓански организации, се наведува во нацрт-резолуцијата.
Во преамбулата на текстот се наведува дека „кривичната одговорност според меѓународното право за злосторството геноцид е индивидуализирана и не може да се припише на ниту една етничка, верска или друга група или заедница во целина“.
Како што прецизираше Гласот на Америка, во Обединетите нации за усвојување на нацрт-резолуција е потребно просто мнозинство од членовите на Генералното собрание, што е обично 97 земји од вкупно 193.