Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) вчера со големо мнозинство усвои необврзувачка резолуција со која се повикува на итен хуманитарен прекин на огнот во Газа, пренесува Радио Слободна Европа.
За резолуцијата 153 земји-членки гласаа „за“, 10 беа „против“, а 23 беа „воздржани“. Меѓу земјите кои ја поддржаа резолуцијата беа земјите од Западен Балкан, додека Израел, САД и Германија, меѓу другите, беа против.
Резолуциите на Генералното собрание не се обврзувачки, но имаат политичка тежина и ги одразуваат глобалните ставови во однос на војната во Појасот Газа.
Исто така, резолуцијата бара од сите страни да ги почитуваат своите обврски според меѓународното право, вклучувајќи го и меѓународното хуманитарно право, особено во однос на заштитата на цивилите.
Освен тоа, се повикува на итно и безусловно ослободување на сите заложници и на обезбедување пристап до хуманитарна помош до Појасот Газа.
Нацрт-резолуцијата беше поднесена од група од 20 арапски земји и Организацијата за исламска соработка.
Гласањето доаѓа откако Соединетите Американски Држави на 8 декември ставија вето на предложената резолуција на Советот за безбедност на ОН со која се повикува на итен прекин на огнот во двомесечната војна помеѓу Израел и палестинската милитантна група Хамас во Појасот Газа.
Ниту една земја нема право на вето на Генералното собрание.
Гласањето на 12 декември се одржа еден ден откако 12 претставници на Советот за безбедност на ОН ја посетија египетската страна на граничниот премин Рафа. САД не испратија пратеник на ова патување.
САД и Израел се противат на примирјето затоа што веруваат дека тоа само ќе му користи на Хамас. Наместо тоа, Вашингтон се залага за паузи за да се заштитат цивилите и да се дозволи ослободување на заложниците од Газа.