Фудбалското игралиште во училишниот двор на ООУ „Киро Глигоров“ во Скопје, кое училиштето со договор го отстапи на користење на приватна компанија, ќе остане во постојната состојба и нема да се дава под закуп. Овој заклучок произлезе од денешната средба помеѓу градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски и претставниците на компанијата која го имаше склучено договорот за отстапување на користење на игралиштето.
Од Општината велат дека иако постапката за отстапување на фудбалското игралиште од страна на училиштето е целосно законска и преземени се сите неопходни чекори за склучување на договорот, игралиштето нема да се дава под закуп.
„По одржаните состаноци и во консултација со органите на училиштето и закупецот на просторот, заеднички одлучивме игралиштето да го задржиме во постојната состојба, односно да се раскине договорот и да биде отворено цело време за да може децата слободно да го користат“, изјави градоначалникот Герасимовски.
„Мојата идеја е да помогнеме и да најдеме решение за состојбите со зголемените режиски трошоци, но сепак примарен интерес е да овозможиме среќно детство и непречено користење на игралиштето на децата кои посетуваат настава во најубавото училиште во државата, гордоста на Општина Центар – ООУ „Киро Глигоров“, додаде градоначалникот.
На почетокот на мај стотина родители од скопски Капиштец протестираа против најавата за издавање на спортското игралиште во училиштето. Тие сметаа дека училишната управа не ги консултирала и информирала за таквата намера и порачаа дека нема да дозволат да прави трговија со имотот на училиштето за приватни бизниси.