По повод Светскиот ден на детето, 20 ноември, младиот уметник Озбек Ајваз во соработка со Центарот за правни истражувања и анализи (ЦПИА) и Македонското здружение на млади правници (МЗМП), организираа герила акција под наслов „Моето детство е моја приказна“.
Денес во 11 часот кај фонтаната „Лотус“ во Градскиот парк во Скопје беше поставена уметничка инсталација како симболичен потсетник дека секое дете заслужува приватен и безбеден простор за раст и развој.
„Оваа акција има за цел да ја подигне свеста за значењето на дигиталната приватност на децата и да ги поттикне родителите и општеството на одговорно и свесно однесување кое ќе придонесе кон безбедноста и добросостојбата на младите во онлајн просторот“, велат организаторите.
„Иако споделувањето на моменти од животот на децата е често со најдобри намери, тоа може да предизвика долготрајни несакани последици по нивната приватност и безбедност. Истражувањата покажуваат дека фотографии и видеа, споделени од родителите на социјалните мрежи, честопати завршуваат на несоодветни места на интернет, изложувајќи ги децата на ризици од злоупотреба на податоците, идентитетски измами и дигитална експлоатација. Според проценките, до 2030 година, милиони деца би можеле да станат жртви на злоупотреба на нивните лични податоци како резултат на прекумерното споделување вакви содржини“, се вели во соопштението за акцијата.
„Грижата за приватноста на децата во дигиталниот свет е заедничка одговорност,“ велат организаторите. „Ги повикуваме родителите да бидат внимателни и информирани при споделувањето на фотографии и податоци за своите деца на социјалните мрежи. Важно е да се разберат потенцијалните ризици кои го следат дигиталниот отпечаток на децата и да се преземат мерки за заштита на детската приватност.“
Акцијата е дел од проектот „Ефикасна правда за заштита на основните слободи и правото на приватност во онлајн просторот,“ финансиран од Европската унија. Уметничката инсталација ќе биде изложена на 20 ноември, од 11 – 15 часот.
Фото: Центар за правни истражувања и анализи