Еден од првите светски велосипедски мостови со подно греење отворен е во градот Тебинген во југоисточна Германија.
Иако патишта и мостови со подно греење не се непознаница, а сè повеќе се размислува за нивно воведување на подрачја со сообраќајни метежи и остри зими, сепак мост со подно греење за велосипедисти е права реткост.
„Мостот на велосипедистите треба да им овозможи посигурно возење во зимски услови“, посочи градоначалникот Борис Палмер при отворањето на мостот кој сам го премина на велосипед.
Познавачите од Клубот на германски велосипедисти наведуваат дека досега немаат информации дека е изграден велосипедски мост со подно греење.
„Загреани мостови за велосипедистите имаат смисла. Солта не може стопроцентно да го отстрани мразот од патот“, изјавила портпаролката на Клубот.
Градот планира изградба на уште два вакви специфични велосипедски мостови до 2025 година.
Градовите низ Европа забрзано ја подобруваат велосипедската инфраструктура со воведување на заштитени велосипедски патеки особено поради порастот на бројот на граѓани кои го користат ова превозно средство во текот на пандемијата со Ковид-19.