Предавања преку лаптоп од пред една година се практикуваат на Техничкиот факултет во германскиот град Ахен. Тоа е олеснување за студентите како Патрик Нојберт. Тој сега може самиот да одлучи, кога и каде ќе ги слуша предавањата на своите професори, пишува Дојче Веле.
„Моите искуства се целосно позитивни бидејќи на овој начин станав пофлексибилен во планирањето на времето, а и ефектот на учење е поголем. Значи можат да се премотуваат напред или назад и работите кои не сум ги разбрал можам да ги погледнам уште еднаш или двапати.“
Во едно мало студио се снимаат предавањата. Потоа се поставуваат на интернет и потоа можат да се погледнат на смартфон или на таблет- компјутер.
Секое предавање е поделено на наставни лекции од кои секоја трае 10 минути. Професорот Малте Бретел на почеток мораше да се привикне на овој нов вид комуникација.
„Сметам дека тоа сѐ уште е многу смешно чувство. Тоа е како првиот пат, се седи овде и се говори. Не се зборува пред публика, туку во камера и нема никој чија мимика или гестови ги гледате. И не се знае како тоа се прифаќа. Сметав дека е чудно и сѐ уште сметам дека е чудно. Искрено говорејќи, јас не можам да ги гледам видео снимките. Себеси никогаш не се гледам, други луѓе гледаат дали сѐ излегло добро“ , вели професорот Бретел.
Дигиталните предавања значат повеќе работа за студентите, бидејќи постои дополнителен план кој се оценува. Патрик Нојберт овојпат мора виртуелно да раководи со една автомобилска компанија. Притоа, тој учи како теоретските знаења да ги примени во пракса. И не само тоа. Секоја недела мора да се прави тест.
„Сметам дека најголема разлика е тоа што порано предавањата едноставно се посетуваа и потоа кусо пред испитот имаше екстремно интензивна подготовка. Тука поделбата е поинаква. Значи тука јас континиурано учам и согласно тоа, по испитот можеби ќе ми остане нешто повеќе во глава, зашто знаењето не е зачувано само во краткорочното сеќавање“, истакнува Патрик.
Предавања во амфитеатри има и натаму, меѓутоа тие веќе не се обврзувачки.
За разлика од порано, предавањето има нова функција. Наместо класично предавање, професорот со студентите сега разговара за содржините кои тој претходно дигитално ги дистрибуирал. Така се учи поинтензивно. Во најмала рака, студентите по менаџмент и економија на тој начин добија подобри оценки.