Германка плете ред од шал за секое доцнење на јавниот превоз

Многумина кои доцнат на работа поради проблеми со јавниот превоз одговараат со извинување до нивните шефови и пораки со фрустрација до нивните колеги, пред да испратат бесен твит до сообраќајната компанија.

Но, една Германка имала оригинален и многу продуктивен начин со која го пополнувала загубеното време при чекањето воз до работа. Плетење на еден ред од шал за секое доцнење со кое ќе се соочи.

Новинарката Сара Вебер вели дека нејзината мајка, која патува до работа во областа на Минхен, плете со страст. Таа започнала да плете „шал од доцнење на возот“ каде секој ред, со различна боја, го покажува времето на доцнење кое го доживеала.

Вебер вели дека нејзината мајка избрала со сива боја да ги обележи доцнењата под пет минути, розова боја за оние доцнења помеѓу 5 и 30 минути и црвена доколку возот доцнел во двата правци или повеќе од 30 минути.

Шалот има огромен ред од црвена боја, кој отсликува приказна.

„Пролетта сè било во ред. Многу редови на сива и розова боја. Тогаш настапил посебен сообраќаен режим поради замена на шини за време на летото. Возот доцнел секој ден шест и пол недели“, објаснува Вебер.

Приказната за шалот се популаризирала на социјалните мрежи. Првичниот твит привлекол преку 22 илјади „лајкови“ и бил споделен преку 6.000 пати.

Откако разбрала колку популарен станал нејзиниот шал, мајката на Вебер го ставила на Ибеј со напомена дека сумата ќе ја даде во хуманитарни цели. Во моментов шалот достигнал цена од 3.125 евра, а остануваат уште неколку дена до крајот на аукцијата.