Галерија за современа уметност во Германија отпушти вработен откако откри дека тој закачил свое уметничко дело на поставената изложба.
51-годишниот вработен направил две дупки во ѕидот за да ја монтира сликата во галеријата „Пинакотек дер Модерне“ (Pinakothek derModerne) во Минхен.
Локалните медиуми објавија дека човекот своето дело го поставил со надеж да се пробие во уметничкиот свет.
Потпарол на галеријата изјави дека делото не било изложено долго пред да го отстранат.
„Надзорниците секогаш забележуваат нешто вакво“, изјави Тине Нилер, додавајќи дека делото му било вратено на уметникот.
Вработениот работел како дел од тимот за технички услуги и себе се опишал како слободен уметник.
Уметничкото дело било со димензии 60 на 120 центиметри и било поставено на ѕид во празен премин во галеријата.
Сега на уметникот освен што му е прекинат работниот ангажман, изречена му е забрана за влез во галеријата.
Галеријата е една од најголемите галерии за современа уметност во Европа и содржи дела од Пабло Пикасо, Макс Ернст, Салвадор Дали и други.
Сличен инцидент се случи и пред неколку месеци во германскиот град Бон. Вработените пакувале изложба во Бундескунстхале кога забележале една дополнителна слика изложена од некој од посетителите.
„Мислиме дека е смешно и би сакале да го запознаеме уметникот. Јави ни се, нема проблем, чесен збор“, напишаа од галеријата на Твитер.
Уметникот навистина се јави во галеријата. Станува за Данаи Еманоуилидис која рече дека отсекогаш сакала некое нејзино дело да го види како дел од изложба.
„Ја прошверцував облечена во голема дуксерка со капа и хеланки“, изјавила таа за локален медиум.