Полицијата во Германија денеска започна да ги растерува еколошките активисти кои со месеци го имаат окупирано напуштеното село Луцерат во западниот дел од земјата со цел да го заштитат од рушење и градба на рудник за јаглен на негово место.
Репортерите на Дојче Веле пренесуваат дека барем двајца активисти биле уапсени од полицијата и дека ситуацијата на местото е напната. Активистите се кријат зад поставените барикади кои самите ги направиле, а дел се имаат и заврзани за дрвените куќарки во кои живееја претходниов период.
И полицијата и активистите очекуваат оваа тензична ситуација да потрае неколку денови, а можеби и недели.
Селото стана симбол на иднина без јаглен, откако енергетскиот гигант РВЕ најави дека планира да го сруши и да започне со градба на рудник за лигнит на таа локација. Повеќе од 1.000 активисти го штитат селото од уништување и изминативе две и пол години така што локацијата ја направија вистинска тврдина. Тие живееја во празните куќи, но исто така и изградија голем број дрвени куќарки и камп на селската полјана.
РВЕ ја има купено локацијата, а полициската акција за растерување на активистите започна откако регионалниот суд во понеделникот пресуди дека евакуирањето може да започне да се спроведува.
Постои и одредена контроверзија околу тоа дали во селото смее да се копа јаглен, откако студија од 2021 година на Германскиот институт за економски истражувања покажа дека проширувањето на рудниците не се совпаѓа со климатските заложби на Германија според Договорот од Париз од 2015 година. Студијата потенцира дека треба да се намали производството на јаглен, што значи дека останатите вакви села, меѓу кои и Луцерат, треба да се заштитат од рушење.
Еколошките организации се надеваа дека селото ќе биде поштедено по коалицијата на канцеларот Олаф Шолц, во која дел е и Зелената партија, која ветува постепено намалување на користењето на јаглен.