Германската национална пошта повеќе нема да користи домашни летови за транспорт на писма поради климатските промени, јавува Евроњуз.
По 63 години, последните авиони кои пренесуваа писма меѓу северна и јужна Германија, управувани од единицата на „Луфтханза Еуровингс“ и „Туи Флај“, летаа во текот на ноќта на 28 март на линиите Штутгарт-Берлин, Хановер-Минхен и Хановер-Штутгарт.
Потегот на „Дојче пост“ го одразува намалувањето на значењето на писмата и ѝ овозможува на компанијата да го подобри својот климатски отпечаток. Писмата меѓу тие дестинации сега ќе се транспортираат по копнен пат, што ќе ѝ овозможи на компанијата да ги намали емисиите на јаглерод диоксид поврзани со транспортот на рутите за над 80 проценти.
„Во време на климатски промени, авионската пошта за домашните писма во Германија веќе не може да се оправда. Исто така, затоа што веќе не постои истата итност на писмата како во минатите децении“, се вели во соопштението на главниот оперативен директор на матичната компанија DHL, Марк Хичфелд.
Нацрт-законот одобрен од германскиот кабинет во декември, на кој сè уште му треба одобрение од парламентот, треба да го намали притисокот врз „Дојче пост“ за брза достава на писма, што ќе ѝ овозможи да ги намали трошоците.