Германската влада вчера одобри предлог-законот со кој се легализира купувањето и поседувањето канабис за рекреативна употреба, при што министерот за здравство се спротивстави на критиките за контроверзните планови, јавува Франс 24. Предлог-законот сепак треба да биде одобрен од пратениците во германскиот парламент, кои се враќаат од летните одмори на 4 септември.
Со ова, ќе им се овозможи на возрасните да поседуваат до 25 грама канабис и да одгледуваат до три растенија за лична употреба.
На луѓето, исто така, ќе им биде дозволено да се приклучат на непрофитни „клубови за канабис“ до 500 членови каде канабисот ќе може легално да се одгледува и купува.
Министерот за здравство Карл Лаутербах го нарече предлог-законот „пресвртница“ во односот на Германија кон канабисот.
Порелаксираниот пристап ќе го сузбие црниот пазар и криминалот, ќе го олесни товарот на полицијата и ќе овозможи побезбедна потрошувачка на марихуана, рече тој на прес-конференција во Берлин.
На малолетниците сепак ќе им биде забрането да користат канабис, а владата ќе започне кампања со предупредување за здравствените ризици особено за младите, додаде тој.
„Концептот што го презентираме е концепт на контролирана легализација. Сакаме да ја ограничиме потрошувачката и да ја направиме побезбедна“, рече Лаутербах.