Најголемото вештачко сонце на светот, направа составена од многу рефлектори и огледала, вчера беше активирано во Германија. Целта на овој проект е да се најде нов начин на произведување на гориво, кое не би ѝ наштетило на околината.
Огромната направа со изглед на саќе е составена од 149 рефлектирачки површини, а го носи името Synlight. Се наоѓа на околу 30 километри западно од Келн, а користи ксенонски кратки лампи кои вообичаено се користат во кино салите за да симулираат природна сончева светлина, која ретко ја има во Германија во овој период од годината.
Преку фокусирање на светлата, научниците од Германскиот аеровселенски центар (DLR), ќе можат да произведат еквивалент на 10000 пати поголема соларна радијација, од тоа што вообичаено се произведува на истата таа површина.
Преку создавање на вакви услови, со температура до дури 3000 степени Целзиусови, нивното истражување е клучно за тестирање на иновативни начини на создавање на водород, според Бернхард Хофшмит, директорот на Институтот за соларни истражувања при DLR.
Многумина сметаат дека водородот е „горивото на иднината“, бидејќи не произведува емисии на јаглерод кога гори, што значи дека не придонесува за глобалното затоплување. Но, бидејќи водородот не се појавува во воздухот природно, прво треба да биде создаден од делење на двете компоненти на водата, во процес кој моментално бара огромни количини на електрична енергија.
Истражувачите се надеваат дека ќе ја надминат фазата на делење со електрицитет, со имитирање и создавање на огромна количина на енергија која стигнува до Земјата во форма на сончева светлина.
Хофшмит вели дека направата е дизајнирана да ги донесе експериментите кои се прават во помалите лабораторија на ново ниво и да најде начин да се стигне до индустриско ниво на создавање водород.