На кејот „13 Ноември“ во центарот на Скопје, неколку дрвја вчера беа забетонирани. Набрзо по бурните реакции на социјалните мрежи, градските служби излегоа на терен, со хилти го раскопаа бетонот и досипаа земја.
Бетонирањето на дрвјата предизвика остри реакции меѓу граѓаните и активисти за заштита на зеленилото, кои побараа од градоначалникот Петре Шилегов да го провери работењето на изведувачот и односот кон дрвјата.
Тие ги потсетија градските власти на нивните ветувања од пред две години дека ќе се заложат да ги ослободат израснатите и квалитетни дрвја, заробени од нестручно изведени градежни активности на јавни површини.
Инаку, во тек е реконструкција на кејот од мостот „Слобода“ кај „Холидеј Ин“ до Камениот мост. Се уредува површина од околу 12.500 квадратни метри, а за тоа се одвоени 88.6 милиони денари.