Ги запознаваме ретките болести: Антенатален Бартеров синдром

Во месецот со најмалку дена во годината, во месецот кој оваа година е редок по своите ретки 29 дена и во месецот кој пациентите со ретки болести го идентификуваат како СВОЈ, по шести пат ќе се обидеме поблиску да Ве запознаеме со ретките болести од кои заболува и со кои се соочува и живее населението од нашиот охридско – струшки регион. Да ги дознаеме предизвиците и проблемите со кои се соочуваат. Како ја добиваат дијагнозата? Дали има некаков лек? Колку и дали воопшто се пристапни и достапни лековите?…

Радио МОФ и оваа година се приклучи на националната кампања и секој ден во текот на февруари објавуваме по еден текст – по една од ретките болести.

Антенатален Бартеров синдром/Antenatal Bartter Syndrome (ABS)

МКБ-10 E26.8

ПРЕВАЛЕНЦА

Се смета дека проценетата преваленца е 1 на 1.000 000 население.

ВОВЕД

Бартеровиот синдром е ретко генетско нарушување кое се карактеризира со низа наследни бубрежни тубуларни дефекти кои водат до електролитен дисбаланс и губиток на течности. Овој синдром е именуван по педијатарот Фредерик Бартер кој прв опишал ваков случај.

ЕТИОЛОГИЈА

Овој синдром главно е предизвикан од мутации во гените кои кодираат протеини вклучени во транспортот на јони во бубрезите, конкретно тие кои се одговорни за реапсорпција на натриум, калиум, хлорид и калциум во реналните тубули. Овие мутации го нарушуваат нормалниот електролитен баланс, водејќи до претерано губење на соли и вода во урината.

СИМПТОМИ И ДИЈАГНОСТИЦИРАЊЕ

Типично се манифестира во неонаталниот период или рано детство.

  • полиурија и полидипсија – зголемена продукција на урина и зголемена жед поради дефект во реналните тубули, води до несоодветна реапсорпција на водата
  • потреба за сол – засегнатите доенчиња можат да преферираат солена храна поради
    електролитниот дисбаланс
  • дехидрација – електролитниот дисбаланс предизвикува дехидрација, која пак
    резултира со симптоми како сува кожа, вдлабнати очи и летаргија
  • хипокалемија – ниските вредности на калиум во крвта можат да доведат до слабост на мускулите, грчеви и абнормален срцев ритам
  • метаболна алкалоза – зголемен губиток на хлориди и водородни јони во урината резултираат со алкален pH-дисбаланс во крвта

Дијагностицирањето на антенатален Бартеров синдром вклучува комбинација од клиничка евалуација, лабораториски тестови и генетско тестирање. Клучните дијагностички чекори вклучуваат:

  • клиничка проценка – евалуација на пациентот, медицинска историја, фамилијарна историја
  • лабораториски тестови – анализите на крвта и урината можат да покажат хипокалемија, метаболна алкалоза и покачени нивоа на ренин и алдостерон како маркери за ренална тубуларна дисфункција
  • генетски тестови – овие анализи можат да ги идентификуваат мутациите во гените асоцирани со овој синдром и да ја потврдат дијагнозата

ПОСЛЕДИЦИ

Редовните прегледи се клучни за прилагодување на третманот кој може да варира и зависи од тежината на состојбата и потребите на пациентот. Раната дијагноза и соодветниот третман можат значително да го подобрат квалитетот на живот на лицата со овој синдром.

ТРЕТМАН

Третманот се состои од корекција на електролитниот дисбаланс и менаџирање на симптомите, односно додавање на електролити, како што се калиум и натриум преку уста или интравенозно, додека соодветната хидрација е важна во превенирање на дехидрација и регулирање на електролитниот дисбаланс.

Лекови:

  • диуретици кои помагаат во одржување на балансот на течности и електролити
  • инхибитори на простагландините: нестероидни анти – инфламаторните лекови можат да ја намалат продукцијата на простагландин, што помага во нормализирање на екскреција на електролитите

За проектот:

Здружението на пациенти Ретко е да си редок од Охрид и овој февруари, во рамките на шестата сезона од проектот ГИ ЗАПОЗНАВАМЕ РЕТКИТЕ БОЛЕСТИ 2024, Ве запознаваат со ретките болести од кои заболува населението во охридско – струшкиот регион, со застапеност на истите низ различни градови во Р.С. Македонија, со надеж дека преку овие нови 29 ретки дијагнози сите заедно ќе успееме да го кренеме гласот за проблемите со кои се соочуваат лицата со ретки болести, но и нивните семејства.

Кампањата е од информативно – едукативен карактер и на неа работеа над 60 еминентни професори и доктори од Клиничкиот центар Мајка Тереза од Скопје, како и докторите од здравствените установи од нашиот охридско – струшки регион – Охридската и Струшката болница, ЈЗУ Специјална болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ – Охрид, ЈЗУ Специјализирана болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања „Свети Стефан“ – Охрид како и доктори од многу приватни ординации од општина Охрид и општина Струга. Она што навистина загрижува е бројноста и различноста
на ретките болести во овој регион. За жал, стигнавме и до информации за ултра ретки дијагнози како што се Peching syndrome, Tyrosinemia type 1, Rett syndrome, Gitelman syndrome.

Сепак надежта останува и понатаму да не води и искрено се надеваме дека ова истражување ќе ни помогне да изработиме база на податоци која ќе ни послужи за планирање на следните активности во интерес на лицата со ретки болести, на семејствата меѓусебно поврзување и размена на искуства. Она што не охрабрува и не мотивира да одиме напред е позитивниот ефект од кампањите кои ги водевме во изминатите години, свесни сме дека помогнавме и охрабривме многу пациенти и семејства да зборуваат јавно за својата болест, да соберат храброст да не исконтактираат, а секако добивме многу пофалби и од стручната медицинска фела која е сè поактивно вклучена во кампањите, а и ние упатуваме јавна благодарност затоа што без нивната помош и стручните совети немаше да успееме.

Првиот ден на ретки болести беше одбележан во 2008 година, точно на 29-ти февруари, РЕДОК датум кој се случува само еднаш на секои четири години. Од тогаш, Денот на ретки болести се одржува секоја година на последниот ден од февруари, месец познат по тоа што има РЕДОК број на денови.

Денот на ретките болести е меѓународна кампања за подигнување на свеста за ретките болести. Од почетокот во 2008-ма година, илјадници настани се организираат низ целиотсвет и опфаќаат милиони луѓе. Кампањата започна како европски настан и со текот на времето стана глобален феномен, со учество на над  90 земји од целиот свет во 2018 година. Р.С. Македонија за прв пат се вклучи во одбележување на овој редок ден во 2012-та година.

Кампањата за Денот на Ретки Болести е за пошироката јавност, за релевантните институции и секој е добредојден да се приклучи: пациенти и семејства, организации на пациенти, медицински професионалци, истражувачи, фармацевтска индустрија, јавни здравствени институции – колку повеќе не има, толку подобро. Денот на ретките болести е можност за учесниците да бидат дел од глобалниот повик кон креаторите на политики, истражувачите, компаниите и здравствените професионалци повеќе и поефикасно да ги вклучат пациентите во истражувањата за ретки болести.